Маск: Злобните идиоти избраа погрешно возило


Лас Вегас – Извршниот директор на „Тесла“ , Илон Маск, најави дека ќе ја разгледа можноста за поднесување тужби против медиумите поради нивното покривање на експлозијата на кибер камионот што во средата се случи пред хотелот „Трамп“ во Лас Вегас.

Конзервативниот активист Роби Старбак на платформата Х сподели напис на „Бизнис инсајдер“ во кој инцидентот е опишан како „експлозија на кибер камион“. 

„Маск треба да размисли да ги тужи медиумите затоа што вака ја  врамија приказната. Овие наслови го саботираат брендот „Тесла“ ( Tesla) со тоа што ги тераат луѓето да мислат дека „Cybertruck“ се запалил. Возилата на „Тесла“ имаат еден пожар на секои 130 милиони возени милји. Другите автомобили горат на секои 18 милиони милји,“ напиша Старбак. 

„Можеби е време да го направиме тоа“, напиша Маск како одговор на предлогот дека размислува за тужба, пренесе Политико. 

Возачот загина, а седум лица се повредени кога возилото – наполнето со канистри со гориво – експлодира на Нова година. Човекот кој го изнајмил кибер камионот бил активен припадник на специјалните сили на САД и се застрелал во главата пред експлозијата, потврдија полициски претставници. 

Маск, милијардер кој е близок соработник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, во серија објави на неговата социјална мрежа Х го критикуваше медиумското покривање на инцидентот и ја бранеше безбедноста на возилото. 

-Фактот дека ова беше кибер камион навистина ја ограничи штетата што се случи во возилото, бидејќи поголемиот дел од експлозијата помина низ возилото и излезе надвор, рече шерифот на полицијата во Лас Вегас, Кевин Мекмахил за време на прес-конференција. 

Маск повторно објави видео од конференцијата на шерифот, пишувајќи: „Злобните идиоти избраа погрешно возило за терористички напад. Кибер камионот всушност ја запре експлозијата и ја насочи експлозијата нагоре. Ниту стаклените врати од лобито не беа скршени“.