Маск: Цените на возилата на „Тесла“ растат поради недостиг од чипови
Цените на возилата на „Тесла“ растат поради доцнење во синџирот за снабдување во автомобилската индустрија, особено на суровините, напиша извршниот директор на Тесла, Илон Маск на Твитер.
„Цените растат поради високиот притисок во синџирот за снабдување во целата индустрија, особено на суровините“, напиша Маск како одговор на пораката за несогласувањето со зголемувањето на цените на возилата на „Тесла“ и отстранувањето на одредени карактеристики на моделот „Y“.
Компанијата „Тесла“ во мај ги зголеми цените на моделот „3“ и моделот „Y“. Ова е петто поскапување на автомобилите за само неколку месеци, пренесе интернет страницата „Електрек“.
Маск во април кажа дека „Тесла“ ги доживува „некои од најтешките предизвици во синџирот за снабдување“, наведувајќи го конкретно недостигот од чипови. Тогаш, исто така, кажа дека проблемот главно е решен.
„Електрек“ вчера објави дека новите сопственици на возилата „Тесла“ од моделот „Y“ јавуваат дека нивните електрични возила се испорачуваат без лумбална (долен дел од рбетот) поддршка на совозачкото седиште.