Метеорит од Марс продаден за 5,3 милиони долари


Метеорит за кој се верува дека е најголемото „парче“ од Марс на Земјата е продаден на аукција за 5,3 милиони долари, вклучувајќи даноци и други трошоци.

Метеоритот, кој беше продаден во Сотбис во средаta, е познат како NWA 16788. Тежи 24,5 килограми, што го прави масивен во споредба со повеќето марсовски метеорити, кои обично се само мали фрагменти. Метеоритите се остатоци од комета, астероид или метеороид кој го „преживеал“ својот премин низ атмосферата на Земјата.

Метеоритот е откриен во ноември 2023 година во оддалечен регион на Нигер познат како Агадез. Тој е околу 70 проценти поголем од следниот најголем дел од Марс што некогаш е пронајден на Земјата. Исто така е многу редок, со само околу 400 марсовски метеорити пронајдени на нашата планета, а е и најскапиот што некогаш е понуден на аукција. Се издвојува по својата огромна големина и црвена боја.

Анализата на метеоритот покажа дека тој го напуштил Марс така што бил фрлен во вселената по ударот од астероид, кој бил толку моќен што делови од метеоритот ги претворил во стакло. Површината на метеоритот покажува стаклена кора, која се формирала додека брзал низ Земјината атмосфера.

Сепак, има и такви кои се загрижени за продажбата на метеоритот, бидејќи веруваат дека требало да биде дониран на науката.

„Би било штета ако заврши во сефот на некој олигарх, бидејќи припаѓа во музеј каде што може да се изучува, каде што децата и семејствата можат да уживаат во него“, рече професорот Стив Брусате од Универзитетот во Единбург.