Мариупол како гробишта, досега убиени 139 деца (Видео)


Еден месец по воената инвазија на Русија врз Украина, обемот на разурнувања е застрашувачки, а Мариупол, од најбрзо растечки град , е претворен во гробишта, бидејќи поради постојаното гранатирање загинатите се закопуваат во дворовите и јавните површини.

Шефот на француската дипломатија, Жан-Ив Ле Дриан,  изјави дека „доколку ништо не се преземе за да им се помогне на цивилите во Мариупол, ќе следи колективна вина“.

-Мариупол е впечатлив пример за воена опсада, а воените опсади се ужасна форма на војна бидејќи цивилното население се масакрира, уништува. Страдањето е страшно, рече Ле Дриан на меѓународната конференција на Форумот во Доха.

„Затоа мора да има барем еден момент во кој цивилното население може да дише“, додаде тој, додавајќи дека на тоа прашање е ангажиран францускиот претседател Емануел Макрон.

Оваа војна ќе остане запаметена и по огромниот број на загинати и повредени деца, иако на многу објекти јасно се маркирани за да се види и од авион објектите во кои се засолнуваат. Според украинските власти досега се загинати вкупно  139 деца,  а повеќе од 205 ранети во руската војна против Украина.

Најголемиот дел од децата жртви се од околината на  Киев, од Доњецк, Чернихив, Миколаев, Луганск, Запорожје, Керсон, Житомир и Суми. Животот не им е безбеден ни кога ќе успејат да добијат лечење во болница, бидејќи и тие се гранатираат, што може да се види од фотографиите.

Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, во своето последно обраќање, ги критикуваше западните земји што рекоа дека не сакаат да и’ дадат одбранбено оружје на неговата земја, вклучително и борбени авиони.

Тој ги осуди „пинг-понг разговорите“ за тоа кој треба да испрати воена помош.

Зеленски го повика Западот „да собере само 1 отсто од храброста на бранителите на Мариупол“.