Маричиќ: Македонија прва во регионот се придружи кон санкциите на ЕУ за руската агресија
Северна Македонија вчера доби позитивен годишен извештај на ЕК за 2022 година. После направениот преглед и анализа од Секретаријатот за европски прашања, ме радува што можам да кажам дека имаме одржливи реформи, препознаен напредок и ни претстојат нови можности, вака вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ го започна својот говор на денешната заедничка прес-конференција со евроамбасадорот Дејвид Гир по повод добиениот извештај од Европската комисија.
Вицепремиерот информира дека Северна Македонија најдобро стои во регионот во кластерот Фундаментални вредности, кој е најважен за динамиката на преговорите, но исто така и во кластерот Ресурси, земјоделство и кохезија. Тој ги анализираше дел од кластерите, а главен акцент беше ставен на работата на Собранието.
– Имаме јасна критика за доцнење при носењето на законите, за што причина се блокадите од страна на опозицијата. Се нагласува потребата Собранието да биде форум за конструктивен политички дијалог, особено за ЕУ реформската агенда и заедно со Владата да работат на планирање на законодавната агенда, со приоритет на уставните измени, додаде Маричиќ.
Гир во своето обраќање посочи дека е потребен напор од сите политички партии со цел да се засили улогата на Собранието.
Оценката за вкупната подготвеност на земјата за 2022 година е „добро ниво на подготвеност, информираше вицепремиерот. Тој посочи дека од аспект на остварениот напредок, задржано е темпото на напредок или има подобрување во 23 од вкупно 43 области и поглавја, додека во останатите 20 области има ограничен или помал напредок. Од аспект на подготвеноста во околу 90 отсто од областите имаме делумна или добра подготвеност.
– Ова покажува дека и покрај сите внатрешни, но и надворешни предизвици со кои се соочуваме, сепак имаме стабилен континуитет во вкупната подготвеност на земјата, што треба да биде поттик повеќе за сите нас. Северна Македонија недвосмислено ја потврди стратешката определба кон Унијата, во еден нов геополитички контекст, меѓу другото и со фактот што беше прва земја од регионот која се придружи кон сите осуди, санкции и рестриктивни мерки поврзани со руската агресија на Украина со постигнување на 100 проценти усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, додаде тој.
Маричиќ порача дека очекуваат земјата и регионот да бидат вклучени во механизмите на ЕУ за снабдување со енергија и храна.
Како особено важен дел ја посочи констатацијата на Комисијата дека процесот на скрининг се одвива непречено, а земјата покажува високо ниво на посветеност.
– За нас овој процес мора да биде инклузивен и транспарентен, а со вклучувањето на граѓанскиот сектор и експертите во преговарачкиот процес, заедно со европските фондови кои ни се на располагање, гледаме нова можност за повеќе реформи и побрзи реформи, вели Маричиќ додавајќи дека ова претставува важен поттик не само за Владата, туку и за администрацијата, но и за целото општество.
Вицепремиерот порача дека на земјата останува посветено да продолжи со реформите, свесни за фактот дека полноправното членство во Европската Унија е од недвосмислен интерес и потребно е заеднички да се работи на надминување на слабостите и да се обединат околу оваа национална задача.
Маричиќ најави дека Секретаријатот за европски прашања ќе организира серија панел дискусии под слоганот „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности!“. Првата дискусија ќе се одржи утре пред претставниците на институциите и граѓанскиот сектор за Кластерите 1 и 6 односно „Фундаментални вредности“ и „Надворешни односи“.
– Сите препораки во Извештајот ќе ги дискутираме заеднички и ќе ни користат како основа за ажурирање на Националната програма за усвојување на првото на ЕУ заедно со правото на ЕУ кое е презентирано на објаснувачките состаноци. Овој документ до крајот на годинава ќе биде ревидиран и ќе биде основа за подготовка на преговарачките позиции на земјата, додаде Маричиќ.