Маргини и ХОПС: Пресуда против Северна Македонија, ЕСЧП ги штити правата на луѓето кои употребуваат дроги


Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) со пресуда против Северна Македонија донесена од 22 октомври годинава, утврди дека државата го прекршила правото на приватност на две лица со откривање на нивните медицински податоци на полицијата, соопштија денеска Коалиција Маргини и ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.

Тие информираат дека пресудата се однесува на случај од 2010 година, кога по пријава за недостаток на количини на метадон во програмата за третман на зависност со метадон во Струмица, полициски службеници влегле во болницата и без законски основ направиле увид во медицинските податоци на пациентите кои биле на третман.

– Документите што им биле достапни на полициските службеници содржеле имиња и презимиња на сите пациенти кои примиле метадонска терапија на конкретни датуми и количината на метадон што тие ја примиле. Противзаконски добиените податоци полицијата ги злоупотребила за дополнително да ги вознемирува оштетените со искористување на лични и интимни податоци од нивните медицински досиеја, се појаснува во соопштението.

Од Коалиција Маргини и ХОПС – Опции за здрав живот Скопје, информираат дека шест лица повеле постапка против болницата и локалната полиција за заштита на нивното право на приватност пред домашните судови, но Основниот суд во Струмица и Апелациониот Суд во Штип утврдиле дека не постои повреда на правата на оштетените. Двајца од нив, правдата продолжиле да ја бараат во Стразбур и по десет години од настанот ЕСЧП утврди повреда на нивните права.

– ЕСЧП смета дека полицијата имала други начини како да ги испита наводите за недостаток на метадон, а судовите не успеале да направат баланс помеѓу заштитата на правото на пациентите наспроти правото на полицијата да има пристап до сензитивни медицински податоци без судска наредба, се наведува во соопштението.

Коалиција Маргини и Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје со поддршка на Фондацијата Отворено општество Македонија од 2010 година обезбедуваат правна помош за оштетените кои по донесувањето на оваа одлука имаат можност да бараат повторување на постапката пред домашните судови.

Потсетуваат дека по пресудата Чиповски и Трајковски против Северна Македонија, ова е втор случај оваа година во кој ЕСЧП утврдува повреда на правото на приватност што укажува на системската повреда на правата на луѓето кои употребуваат дроги.