Агенцијата „Рејтинг“ станa партнер на лондонска „Латента“


 

По речиси две децении присуство на македонскиот и регионалниот пазар во истражувачката и комуникациската индустрија, агенцијата „Рејтинг“ станува ексклузивен партнер на лондонската истражувачка компанија „Латента“, со што  станува една од ретките агенции во земјата која извезува комуникациски услуги кон глобални клиенти.

Оваа официјална соработка значи воведување на напредна бихевиорална наука во истражувањата – методологија која „Латента“ веќе ја применува за над 80 глобални брендови во повеќе од 34 земји низ Европа, Африка и Азија.

Традиционалните истражувања бележат свесни одговори. „Латента“ го прави спротивното, ги декодира несвесните двигатели на одлуките. Преку комбинација на бихевиорална психологија, маркетинг наука и вештачка интелигенција, компанијата гради прецизни профили на одлучување, вклучувајќи ги скриените вредности, мотивите, уверувањата, стравовите и надежите кои навистина определуваат зошто некој купува, гласа или останува лојален. Резултатот е математички точна формула за однесувањето, која е применлива веднаш.

„Досега знаевме многу за тоа ‘што’ мислат луѓето. Со ‘Латента’ за прв пат ќе знаеме и ‘зошто’ одлучуваат. За деловниот свет кој бара сигурност во стратегиите, тоа е фундаментална разлика.“, изјави Никола Спасов, директор на „Рејтинг“.

Со тоа, „Рејтинг“ станува една од ретките македонски и регионални агенции кои извезуваат стручна експертиза кон глобални клиенти.

„Неколку години успешно соработуваме со ‘Рејтинг’ на проекти во делот на комуникациите, односите со јавноста и дигиталните комуникации. Тимот има огромно знаење и искуство за големи меѓународни проекти на кои ние работиме и ова партнерство е исклучително важно за нас. Нашите услуги се целосно комплементарни и верувам дека ова партнерство ќе донесе голем успех за двете агенции“, рече Михајло Попеску, основач и директор на „Латента“.