„Манаки“ ѝ дава посебен живот на Битола во седумте денови филмска магија
Во Битола се слават кинематограферите, а публиката ужива во визуелната естетика

БИТОЛА – Започнува ИФФК „Браќа Манаки“ која дава посебен шарм во секојдневието на Битола. Едноставно, градот во седумте филмски фестивалски денови ја живее магијата на големото платно. Во Битола се слават кинематограферите, а публиката ужива во визуелната естетика.
Низ градот е развижено, со многу странски гости, со еден збор кажано, градот живнува и културно и во делот на локалната економија.
Црвениот тепих е послан, а утре е денот кога битолчанки ќе ги покажат свечените тоалети, а некои дури се подготвуваат и месеци претходно кај локалните модни дизајнери. Свеченото отворање на „Манаки“ е своевиден престиж за битолчани, да се најде билет, да се фотографиираат на црвениот тепих а после тоа да се коментираат со денови фотогалериите од интернет медиумите.
Широк Сокак живее, денеска сонцето ги изади на прошетките и младите и повозарсните, угостителските објекти се полни, а меѓу локалното население се и бројни домашни и странски гости, влубеници во филмот, културата и дружењето.
„Битола има многу значајни фестивали, ама ете ‘Манаки’ е еден. Овој фестивал е поврзан со првата камера на Балканот со браќата Јанаки и Милтон Манаки и некако како град не’ прави големи во очите на светската филмска јавност, а ние битолчани сакаме да бидеме големџии.“
„ Добро е што фестивалот остана во Битола, ‘Манаки’ не го даваме, имаме капацитети, имаме кино.“
„Живеат кафетериите, дуќаните, полни се хотелите, фестивалот ќе ја живне и локалната економија. Градот е почист, поуреден во центарот, сите се фатија за работа, значи нешто добро се случува“, велат анкетирани битолчани.
Организаторот на фестивалот вели дека во градот во наредните 7 дена ќе присуствуваат преку 450 гости кои ќе бидат сместени во локалните хотели и помали апартмани и она што е најважно сите од наградените гости на фестивалот од големите кинематограферски и филмски имиња што ќе престојуваат во Битола не побарале луксузни сместувања или посебни услови за престој, па да мора да ги носат најблиску во Охрид.
„Денеска ни пристугнуваат најголем дел од гостите, сега го очекуваме големиот турскиот режисер Семих Капланоглу, големиот американскиот кинематографер Воли Фистер, како и иранско-францускиот кинематографер Дариус Конџи – кој е добитник на „Златна камера 300“ за животно дело. Да се заблагодарам за целата поддршка што ја добиваме од градот Битола, на сите луѓе кои што сакаат овој фестивал да го има вистинскиот сјај“, рече првиот човек на фестивалот, директорот на ИФФК „Браќа Манаки“ Димитрија Доксевски.
Фестивалот на филмска камера, „Браќа Манаки“, своето 46. издание годинава ќе го одржи од 20 до 26 септември, а македонски филмови ќе го означат неговиот старт, но и вечерта на затворањето. На свеченото отворање во Битола ќе биде прикажан „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, кој имаше светска премиера во Венеција, во програмата „Хоризонти“, а на затворањето ќе има проекција на наградуваното филмско остварување „Диџеј Ахмет“ на Георги М. Унковски.
Годинашни лауреати на фестивалот се: иранско-францускиот кинематографер Дариус Конџи – кој е добитник на „Златна камера 300“ за животно дело, специјалните награди „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност ги добија американскиот кинематографер Воли Фистер и турскиот режисер Семих Капланоглу, а наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ му припадна на македонскиот композитор Кирил Џајковски.
Годинава повторно се враќа програмата „Макпоинт“, се става акцент на македонскиот филм да го добие свое место во рамката на интернационалниот фестивал, кој медиумски се покрива насекаде во светот. Во Битола доаѓаат и екипи од повеќе странски медиум со фокус на филмот и културата, а не ретко се прават и репортажи за животот во градот.
Гостите на фестивалот ќе имаат можност да уживаат во домашното творештво и домашните автори и копродуцентските филмови каде што учествуваат македонски копродукции и автори. Со оваа програма сите интернационални гости ќе имаат можност да се запознаат со нашите македонски автори, продукции и филмови. Всушност „Манаки“ годинава им дава можност на домашните автори да покажат колку сме зрела и исклучителна кинематографија со избор на македонски краткометражни и долгометражни играни и документарни филмови.
Она што е проблем секоја година на фестивалот е бројноста на публиката на филмските проекции, надвор од оние филмови што ќе бидат прикажани на свеченото отворање и затворање на фестивалот.
Годинава како што најави директорот Доксевски ќе понудат педесет проценти пониска цена на влезниците за филмските проекции за сите студенти од државата.