Макрон: Зошто доаѓам во Србија?

Идејата дека Србија може да го бара својот пат во вечната игра на балансирање меѓу силите, кои во неа ќе видат само пион за жртвување на шаховската табла, е само илузија


Чест ми е што доаѓам во Србија на покана на претседателот Вучиќ, по мојата прва посета пред пет години, со амбиција повторно да ги поврзам нишките на едно дамнешно пријателство кое беше калено на фронтот на Првата светска војна со сè уште живи сеќавања на Солунскиот фронт. Во тоа време бев длабоко трогнат од топлината на дочекот што ми беше упатен, што дополнително ја зацврсти мојата верба во силата и виталноста на врските што нѐ обединуваат нас, Французите и Србите.

Оттогаш, нашите односи, нашите размени и нашите партнерства се развија уште повеќе. Како доказ за ова, наведувам големи проекти во кои се вклучени првокласни француски компании; поддршка дадена од Француската агенција за развој на бројни работи во Србија, особено во областа на енергетската транзиција. Го споменувам и обновувањето на нашата размена на мислења на интелектуален план, за што сведочи учеството на Франција како почесен гостин на Саемот на книгата во Белград пред неколку месеци.

Денеска повторно доаѓам во Србија со едноставна порака: Европската унија и нејзините земји членки треба да ја имаат силна и демократска Србија покрај себе, а на Србија ѝ треба силна и суверена Европска унија која ќе ги брани и промовира нејзините интереси, притоа почитувајќи го својот идентитет.

Се разбира, Србија ѝ припаѓа на Европа со својата географија, но повеќе од тоа, таа ѝ припаѓа на Европа со својата историја; историјата на гордата нација која има силен идентитет од кој никогаш не се откажала. Денес, размената е многу побогата со земјите од Европската унија отколку со која било друга земја или група земји. Економски размени, се разбира, од кои речиси две третини се реализираат со Европската унија, но и размена меѓу луѓе, преку учеството на Србија во програмите Еразмус плус и Хоризонт Европа. На полето на уметноста, Србија веќе придонесува на плоден и креативен начин во европскиот културен простор и со нетрпение очекувам да ги откријам богатствата на прекрасните збирки на Матица Српска при мојата посета.

И покрај оваа блискост, која и онака е толку силна, перспективата за пристап во Европската унија не привлекува колку што треба, додека во позадина се мешаат грижите и заморот, особено во однос на темпото на пристапните преговори, но понекогаш исто така еден вид на огорченост, па дури и недоверба во однос на Европската унија, кои имаат извор во поновата историја и во судирачки или конфликтни сеќавања.

Време е заедно да ја погледнеме историјата без предрасуди, за таа повеќе да не претставува пречка, каква што е и денес, меѓу нас и, уште повеќе, меѓу земјите од регионот, кои се поканети да бидат заедно под покровителство на Европската Унија. Историчарите од сите наши земји – членки на ЕУ и земјите кандидати – веројатно би можеле да ни помогнат на тој пат со тоа што ќе се вклучат во колективна работа на тоа.

Но, има уште една работа: Србија, со право убедена во уникатноста на својата судбина и понекогаш зацвсртена од предизвиците што ѝ ги постави, не треба да се плаши за својот идентитет и својот суверенитет со влезот во Европската унија.

Тие болни спомени и тие прашања не треба да го одвлекуваат вниманието на граѓаните на Србија од она што е очигледно: нивното место е во Европа, покрај Франција – која не помалку од Србија се грижи за уникатноста на својата историја и култура – во таа заедница која е единственото место во кое ќе можеме вистински да ги одбраниме вредностите што ги споделуваме.

Србија целосно го има своето место во покровителството на Европската унија: местото што го има како голема централна земја на овој регион, која е способна не само да биде главен градител на иднината на помирувањето и соработката во регионот, туку, доколку сака, сила на инспирација и движечка сила. Се осврнувам и на рамката што ја нуди Европската политичка заедница за покренување заеднички иницијативи: следниот самит што ќе се одржи во Унгарија наесен ќе биде важен состанок во оваа смисла.

Кога повторно избувна војната на нашиот континент, иницирана од Русија, која следи брутален план за освојување во Украина, идејата дека Србија може да го бара својот пат во вечната игра на балансирање меѓу силите кои во неа ќе видат само пион за жртвување на шаховската табла е само илузија: само под покровителство на ЕУ – унија на суверени држави кои ја делат истата визија за нивната иднина, Србија ќе може да остане Србија.

Затоа што, како и Франција, убеден сум, Србија се стреми кон независност и суверенитет што може да ѝ ги даде само Европската унија, поседувајќи ги средствата за својата стратешка автономија. Заедно ќе ја изградиме оваа стратешка автономија обезбедувајќи си средства за обезбедување на нашата безбедност и зајакнување на нашата одбранбена соработка.

Но, ќе го изградиме и во областа на индустријата во сите сектори каде што треба да се обединиме за да бидеме поотпорни на безмилосната меѓународна конкуренција, во областа на критичните суровини, лековите, вештачката интелигенција на пример. Тука Србија игра клучна улога во рамките на проширената и зајакната Европска унија.

Прашањето што во овој момент и се поставува на Србија, но и на сите нас Европејците, дури и повеќе од прашањето за неопходното одржување на обединет фронт против Русија, е прашањето за типот на општеството во кое нашата младина ќе сака утре да живее. За тоа прашање не се сомневам, младите во Србија ќе го имаат истиот одговор како младите во Франција.

Бидејќи за граѓаните на Франција, како и за граѓаните на другите земји-членки, а наскоро и за граѓаните на Србија, Европската унија е и ќе остане една од најсилните бариери против популизмот, демагогијата и екстремизмот, како и единствена област на економски просперитет и има капацитет да биде релевантен против нашите конкуренти во глобализацијата. Европската повелба за човекови права, европските договори усвоени од земјите-членки по сопствена волја и европските судски тела задолжени за нивната имплементација денес претставуваат основа која ги штити правата. Затоа што речиси 70 години ја градиме демократијата на континентално ниво на цврсти основи кои го исклучуваат враќањето на катастрофалните националистички рефлекси.

Патот кон нормализацијата ја зачувува суштината, можноста Србите да живеат во Косово, почитувајќи го законот, но не откажувајќи се од својот идентитет.

Во 2019 година, кога зборував за прашањето за Косово, зборував за потребната храброст да се постигне компромис. Убедени дека оваа храброст постои во Србија, ние, заедно со Германија и нашите европски партнери, со поддршка на Соединетите Американски Држави, сакавме да му помогнеме на регионот да избегне еднострани потези, неодмерени изјави, подигање тензии, чии главни жртви се луѓе кои живеат на терен, особено српското малцинство во Косово.

Патот што го предложивме кон потребната нормализација ја зачувува суштината: можноста Србите да живеат на Косово почитувајќи го законот, но без да се откажат од својот идентитет или од природните врски со Србија; но и постоењето на гаранции за зачувување на српското културно и верско наследство.

Овој пат е асфалтиран: сè што го забавува напредокот на тој пат е на сметка на луѓето што живеат таму. Убеден сум дека овој компромис е во согласност со интересите на Србија и, имајќи ги предвид силните чувства на Србите за ова прашање, почитувајќи ги, ја поканувам Србија и ги поканувам младите во Србија да изберат мир и да ја изберат иднината.  Јас лично ќе останам ангажиран, како што сум сигурен дека ЕУ во целина ќе остане во имплементацијата на Охридските договори и пред сѐ во формирањето на заедница на општини со српско мнозинство.

Би сакал да завршам со тоа што мојата денешна посета на Белград, новите фази што ги поставуваме за нашата билатерална соработка, вистинското стратешко партнерство што го градиме, апелот што го упатив за решителен ангажман на Србија за приклучување кон Европската унија, сето ова претставува порака за доверба во нашата заедничка иднина и воедно најдобар начин да го негуваме и продлабочиме нашето толку скапоцено пријателство.

(Порака на францускиот претседател Емануел Макрон до граѓаните на Србија пред неговата посета на Белград)