Макрон сака Кина да ги почне мировните преговори за Украина ова лето

Францускиот претседател во тајност преговара со Пекинг за мировна формула


Ши Џинпинг и Емануел Макрон

 

Францускиот претседател Емануел Макрон не се откажува од обидите да биде вклучена Кина во преговорите за решавање на украинскиот конфликт. Земјите од Г7, чии министри за надворешни работи во вторникот ја завршија средбата во Јапонија, се подготвени да работат со Пекинг, вклучително и за украинското прашање, но цврсто ги истакнаа границите на можниот компромис: тоа се прашањата за територијалниот интегритет на Украина и испорака на кинеско оружје за Русија.

Макрон го задолжил својот советник за надворешна политика, Емануел Боне, со водечкиот кинески дипломат Ванг Ји да воспостави формат во кој би можеле да се одржат идните разговори меѓу Русија и Украина, изјавија за Блумберг запознаени со плановите.

Според нив, стратегијата на Париз предвидува почеток на вакви преговори ова лето, но тоа ќе зависи од низа услови. Меѓу нив е успешната пролетна контраофанзива на Вооружените сили на Украина, која ќе му овозможи на Киев да учествува во преговорите од позиција на сила.

Планот на Макрон вклучува и обезбедување на Украина со долгорочни безбедносни гаранции кои би ја одвратиле Русија од понатамошни акти на агресија, велат извори на Блумберг.

Ванг Ји, шеф на канцеларијата на Комисијата за надворешни работи на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина и министер за надворешни работи од 2013 до 2022 година, веќе воспостави врски со Боне. Во пресрет на неодамнешната посета на Макрон на Пекинг, Ванг го покани својот француски колега да ги вклучи европските земји во преговорите што се обидува да ги организира за ставање крај на војната во Украина. „Прекин на огнот, запирање на војната, продолжување на мировните преговори и политичко решавање на кризата треба да бидат стратешки консензус меѓу Кина и Европа“, рече Ванг.

Портпаролот на Елисејската палата потврди за Блумберг дека Боне ќе разговара со Ванг, но одби да даде детали, додавајќи дека Париз ќе ги информира своите сојузници за какви било иницијативи. Макрон не успеа да добие значителен напредок од Пекинг за украинското прашање за време на неодамнешната средба со кинескиот претседател Ши Џинпинг. На оваа тема не беа пријавени договори, а Ши не се согласи да има телефонски разговор со Владимир Зеленски.

Во меѓувреме, француската министерка за надворешни работи Кетрин Колона учествуваше на состанокот на Г7, што резултираше со заеднички став за развојот на односите со Кина. Земјите од Г7 ја препознаа важноста на „отворен ангажман“ со неа за прашања од заеднички интерес.

На нивните состаноци, дипломатите формулираа пристап кој се стреми да соработува со Пекинг секаде каде што е можно, истовремено намалувајќи ја економската зависност на западните земји од Кина и јасно ставија до знаење дека сметаат дека е неприфатливо снабдувањето со оружје за Русија (како и воената ескалација околу Тајван), изјави за Блумберг официјален претставник запознаен со разговорите. Министрите ја поддржаа и „мировната формула“ на Зеленски, која предвидува целосно повлекување на руските трупи од украинска територија. Кинескиот мировен план не кажуваше ништо за деокупација.