Макрон: Путин не сака мир, туку капитулација на Украина

Целта на разговорите утре во Вашингтон меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот лидер Володимир Зеленски е да се претстави обединет фронт на Украина и нејзините европски сојузници, изјави попладнево францускиот претседател Емануел Макрон.
-Ако денеска покажеме слабост пред Русија, ги поставуваме темелите за идните конфликти, рече тој по видеоконференцијата на „Коалицијата на посветените“.
Францускиот претседател рече дека на состанокот на „Коалицијата на посветените“ европските сојузници на Киев се залагале за силен и траен мир во Украина и дека треба да се почитува територијалниот интегритет на Украина.
-Не може да има територијални дискусии за Украина без Украинците и исто така, не може да има дискусија за безбедноста на Европејците без нив, додаде Макрон, барајќи тие да бидат поканети на следните самити за Украина.
„Утре одиме во Вашингтон не само да го придружуваме украинскиот претседател, туку одиме таму да ги браниме интересите на Европејците“, нагласи тој.
Макрон рече дека рускиот претседател Владимир Путин не сака мир, туку капитулација на Украина.
-Дали мислам дека претседателот Путин сака мир? Ако мене ме прашувате, не. Тој сака капитулација на Украина; тоа е она што го предложи, рече шефот на француската држава.