„Македонскиот театар во меѓународната јавност“- врвни имиња од регионот на фестивалот во Прилеп

Годинава, првпат фестивалското жири го сочинуваат членови од странство


Мики Радојниќ, театролог, актуелен директор на „Стеријино позорје“, Милош Латиновиќ, директор на театарот и фестивалот „Битеф“, и Јанко Љумовиќ, театарски продуцент, професор, некогашен министер за култура на Црна Гора, се годинава членови на жирито кои ќе одлучуваат за наградите на 57. „Војдан Чернодрински“, најреномираниот и најстар национален фестивал на театарската уметност , кој е во тек, под мотото „Враќање дома“.

Годинава, првпат фестивалското жири го сочинуваат членови од странство. Девет претстави во официјална, седум од независна продукција, две од придружна програма и една дипломска претстава ќе бидат дел од програмата. Во официјалната програма се претставите: „Чудна случка со кучето во ноќта“ на Драмски театар, „Бесачи“на Македонскиот народен театар, „Инферно“ на велешкиот театар, „Мистерија Буфо“ на прилепскиот народен театар, „Мy name is Medeјa“ на битолскиот, „Три сестри“ на албанскиот театар, „Несфатената цивилизација“ на охридскиот, „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театар за деца и младинци и претставата „Женска гардероба“ на театар комедија од Скопје.

На Фестивалот првпат се воведува „Автор во фокус“, а годинава тоа е Коле Чашуле. Лауреати на фестивалот, добитници на наградата за животно дело, годинава се доајените на македонската култура, Петар Темелковски и Петар Мирчевски.

Петар Темелковски
Петар Мирчевски

На гестивалот е отворена и изложбата на костими и фотографии од претстави на кои работел костимографот Благој Мицевски во изминатите речиси 20 години.

Фестивалот ќе биде затворен на 16 јуни со свечено доделување на наградите. Во нивна чест ќе гостува Српско народно позориште од Нови Сад со „Последниот балкански вампир“ по текст на Дејан Дуковски и во режија на Александар Поповски. 

Зошто Македонскиот театар низ визурата на меѓународната јавност?

Ова беше темата на која се дискутираше на меѓународната конференција во Прилеп што ја организираше фестивалот. Ова се први чекори за да развиеме меѓународна програма на фестивалот, вели уметничкиот директор на фестивалот, театралогот Ана Стојаноска.

– Сакаме да се обидеме, не да споредиме, туку да видиме каков е македонскиот театар во очите на луѓето што доаѓаат од страна да го гледаат. Убаво е да се види да кажат како функционираме, дали можеме да зборуваме за еден тип на естетика. Ова е само вовед во една поголема програма што ќе следува во наредните години. Ги поставуваме прашањата: Дали можеме за кој било театар да поставиме естетска категоризација? Дали постои препознавање каква е претставата, македонска или од друго поднебје? Или најбитна е естетиката – посочи Стојаноска.

Според Мирослав Мики Радоњиќ, директор на „Стериино позорје“ од Нови Сад и член на жирито на фестивалот, „театарот не може да се гледа изолирано од поднебјето. Но, многу ми е драго што македонскиот театар е присутен во регионот. Присутен е во Србија, ги имаме македонските режисери и автори.

– Она што се театарски теми и естетика на овие македонски куќи, се случува на поширокиот простор во регионот. Македонскиот театар е на добар пат не само да го сочува оној ореол кој го имаше од порано како еден од значајните театри на бившите ЈУ-простори, туку и да го подобри во многу сегменти. Само, жал ми е, што нема претстави на националните театри од македонски автори – вели Радоњиќ.

За Милош Латиновиќ, директор на „Битеф“ и член на жирито, не треба да има драстични разлики и театарот не може да се ограничи само на одреден простор.

-Театарот не може просторно да се ограничи. Ја има таа мисија спецификата од одреден простор да ја пренесува општо. Тоа е добро. театарот е место на последното единство. Македонските автори се често присутни на сцените на српските театри и тоа за македонската драматургија е значајно. Секако, постои таа интеракција овде да се играат српските и автори од други земји, и, поради тоа, мислам дека таа симбиоза, соработка со српското театарско милје, е добра и што се користи за презентација на македонската уметност и во Европа, а македонската продукција има потенцијал.

Татјана Дешко, театарска уметница од Русија и коосновач на „АртАктУм“, го пофали фестивалот, особено за неговата атмосфера.

-Мило ми е што во Прилеп театарската атмосфера ја чувствуваат сите. И ние, и целиот град. Кога си на претстава како да влегуваш дома. Тоа е силен и среќен впечаток – истакна таа.

Претседателот на жирито, Јанко Љумовиќ, професор на ФДУ во Цетиње, Црна Гора, некогашен министер за култура на Црна Гора, навлезе подлабоко во концептот на националните театри, истакнувајќи дека секоја земја има некој свој национален концепт, а начинот како ќе допре до другите, надвор од земјата, тоа е белег на големите достигнувања во театарската уметност.

– Битно е дали фестивалот е платформа за соработка или само за национална верификација. Разлики има во македонскиот, во словенечкиот, во театарот во Црна Гора. Инсистирам на разликите, а тие отвораат можност за развој, размена, компарирање. За мене битно е да им се обрне внимание на специфичностите – истакна тој.

Режисерот Иван Поповски, кој е гостин на фестивалот истакна дека за подобар театар треба да се работи со младите, како што тоа го прави фестивалот.

-Многу е значајна едукацијата на младите да одат во театар, да се создава љубовта спрема театарот. А тоа фестивалот почна да го прави – рече тој.