Македонскиот брачен пар евакуиран од Газа


Последните двајца македонски државјани кои се наоѓаа во ризичните зони се евакуирани од Газа. Се работи за брачен пар кој минатата недела не успеа да се евакура заедно со другите македонски државјани кои беа на листата, бидејќи египетскиот граничен премин Рафах беше затворен привремено.Како што соопшти министерот за надворешни работи, Бујар Османи во моментов тие се на безбедно, привремено сместени во Каиро.

-Сакам да оддадам посебно признание за посветеноста и професионалноста до вршителите на работи во амбасадите во Тел Авив и Каиро, Мачеј Качоровски и Елма Алторок, кои вложија извонредни напори во постојана комуникација со надлежните институции на Египет и Израел како и со нашите државјани – напиша Османи на неговиот Фејсбук-профил.

Минатата недела Османи во својот кабинет го прими четиричленото семејство Скаик кое со македонски дипломатски напори успешно беше евакуирано од појасот Газа преку граничниот премин Рафах кон Египет, а потоа и во Македонија.