Македонската индустрија останува без работници


Македонската индустрија продолжува да ги губи работниците. Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека во мај 2026 година бројот на вработени во индустријата е намален за 2,6 проценти во споредба со истиот месец лани, а најголемиот удар го трпи рударството, каде што бројот на работници е намален за 7,3 проценти.

Статистиката покажува дека негативниот тренд продолжува во најголемиот индустриски сектор – преработувачката индустрија, каде што бројот на работници е намален за 2,5 проценти на годишно ниво. Единствено позитивно движење е забележано во секторот снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација, каде што има раст од еден процент.

Податоците покажуваат дека падот не е краткорочен. Во периодот од јануари до мај 2026 година, во споредба со истиот период лани, бројот на работниците во индустријата е намален за три проценти.

Најголемото намалување на бројот на работници е регистрирано во секторот рударство и вадење камен, каде што падот е 7,3 проценти во однос на мај минатата година. Во рамките на секторот најголем пад има кај вадењето руди на метал, каде што бројот на работници е намален за 8,8 проценти. Намалување има и кај вадењето јаглен и лигнит, како и кај вадењето други руди и камен.

Во преработувачката индустрија, која вработува најголем број индустриски работници, бројот на вработени е намален за 2,5 проценти. Особено загрижува состојбата во трудоинтензивните гранки. Најголем пад е регистриран во производството на облека, 11,9 проценти, производството на кожа и производи од кожа од 7,5 проценти и преработката на дрво каде што има пад од 7,2 проценти. Овие бројки потврдуваат дека традиционалните индустриски гранки и натаму се соочуваат со недостиг на работна сила, намалени нарачки и силна конкуренција на странските пазари.

И покрај општиот пад, неколку индустриски гранки бележат раст на бројот на работници. Најголемо зголемување има во производството на тутунски производи 16,9 проценти, во производството на компјутерски, електронски и оптички производи 13,4 проценти и производството на пијалаци – 3,5 проценти. Благ раст е забележан и кај производството на метали, гумени и пластични производи, како и во прехранбената индустрија.

Намалувањето на бројот на работници во индустријата укажува дека компаниите и натаму се соочуваат со сериозни предизвици – недостиг на квалификувана работна сила, иселување на работоспособното население, автоматизација на производството, но и намалена побарувачка во дел од индустриските гранки. Иако одредени високотехнолошки гранки, како производството на електронски и оптички производи, покажуваат раст на бројот на вработени, тие засега не можат целосно да го компензираат намалувањето во другите индустриски дејности.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека македонската индустрија и понатаму се наоѓа во период на трансформација, при што традиционалните производствени гранки губат работници, додека дел од технолошки понапредните индустрии постепено го зголемуваат бројот на вработени.