Македонската филхармонија со концерт „Хармонија“ со виолинистот Нинг Фенг
Оркестарот на Македонската филхармонија вечерва ќе го одржи концертот „Хармонија“, на кој како солист ќе настапи реномираниот кинески виолинист Нинг Фенг, а диригент ќе биде маестро Емил Табаков од Бугарија.
Нинг Фенг важи за еден од водечките виолинисти на меѓународната сцена. Иако често настапува со најзначајните оркестри во Кина, тој има и успешна европска и светска кариера, со седиште во Берлин. Критиката го опишува како уметник со изразен лиризам, длабока емотивност и виртуозни технички остварувања. Студирал во Сишуан, Берлин и Лондон, а добитник е на бројни престижни меѓународни награди, меѓу кои „Паганини“, „Кралица Елизабета“ и „Јехуди Менухин“. Настапувал со водечки светски оркестри и диригенти, а активен е и како камерен музичар. Нинг Фенг свири на виолина „Страдивариус“ од 1721 година.
Концертот ќе го води маестро Емил Табаков, еден од најзначајните диригенти и композитори во регионот. Табаков има богата интернационална кариера како главен и гостин диригент на бројни оркестри во Европа, Азија, Северна Америка и Австралија, вклучувајќи ги Софиската филхармонија, Белградската филхармонија и Билкент симфонискиот оркестар. Зад себе има повеќе од 250 симфониски и оперски снимки, како и обемен авторски опус.
Концертот „Хармонија“ е дел од редовната концертна програма на Македонската филхармонија и носи спој на врвна солистичка уметност и значајни симфониски дела од 20 век.