Македонија рециклира 30 отсто од стаклена амбалажа годишно


Количината на амбалажа од рециклирано стакло во регионот на Западен Балкан е далеку од нивото пропишано од Европската унија. Додека членките на ЕУ рециклираат 70 отсто стаклена амбалажа годишно, во Северна Македонија таа бројка изнесува 30.

За да се зголеми просечната количина на собран стаклен отпад, во пилот општините Штип и Илинден обезбедени се 78 бесплатни контејнери за собирање отпад од стакло, како дел од проектот „Управување со стаклено пакување на Западен Балкан“ презентиран на денешната онлајн конференција.

Проектот е инициран од Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), во соработка со оператори за отпад од пакување – компании „Секопак“, „Пакомак“ и „Екопак“. Спроведен е во Србија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина, со НАЛЕД, РедаХ и Зелс- како партнери за спроведување.

Во Србија количината на амбалажа од рециклирано стакло е 44 отсто, а во Босна и Херцеговина 12 отсто.

Една од главните цели на овој регионален проект е да се зголеми просечната количина на собран стаклен отпад во сите три држави за околу 20 отсто.

За оваа цел, како што појаснија организаторите, вклучени се пилот општините Штип и Илинден во Македонија, Ниш и Сомбор во Србија, Бихаќ и Нови Травник во БиХ.

Според организаторите, во моментов количините на стакло кои од комуналните служби ги собираат оператерите на амбалажен отпад во Србија, Северна Македонија и БиХ се недоволни и под капацитетот на рециклажните погони. Поради тоа стаклото сѐ поретко се носи на рециклирање, додека трошоците за транспорт стануваат поголеми.

Со цел да се подобрат рамковните услови за воспоставување на економски вредносен ланец на рециклирање стакло во регионот, на настанот учесниците посочија дека е клучно да се зголеми количината на собрано стакло, како и да се постават предуслови за повторна употреба на стаклен отпад, како што е поставување на подобра инфраструктура за одложување и рециклирање на истиот.

Проектот за управување со пакување на стакло се спроведува во рамките на програмата за развојна соработка со приватниот сектор – develoPPP.de финансиран од германското сојузно министерство за економска соработка и развој.