Македонија ќе добие геопарк
Македонија нема геопарк, а Министерството за животна средина и просторно планирање планира годинава да направи анализа каде може да се отворат геопаркови.
Како што најави министерката за животна средина и просторно планирање на денешниот брифинг, првата локација која се разгледува е во близина на Демир Капија.
Што е геопарк?
Геопарк претставува област со повеќе атрактивни геолошки или геоморфолошки локации и појави кои можат да бидат од национален или поширок интерес. Најчесто, подрачјето на геопаркот не е значајно само по геолошките и геоморфолошките (релјефни) форми и појави, туку поседува разни еколошки, арехеолошки, историски и културни знаменитости. Областа на геопаркот може, но и не мора да е претходно заштитено со некој степен на законодавна заштита (строго заштитено подрачје, споменик на природата, национален парк или др.).
Како се аплицира за геопарк?
За една област да биде геопарк, освен што треба да има изразити геовредности, мора да биде членка на Европската мрежа на Геопаркови. За тоа пак е потребна соодветна апликација за членство која може да се поднесе еднаш годишно и тоа во периодот од 1 октомври до 1 декември.
На редовното пролетно заседание, претставниците на мрежата решаваат дали според поднесената апликација, предметното подрачје заслужува да стане геопарк или не, за што се известува апликантот. Доколку одговорот е потврден, во почетокот на летото, неколку меѓународни експерти ја посетуваат локацијата и вршат евалуација. Ако евалуацијата е потврдна, областа – кандидат, најдоцна до крајот на месец август, влегува во Европската, а со тоа и во светската мрежа на геопаркови и го добива брендот Европски геопарк. Членството е временски ограничено на 4 години и доколку се исполнети поставените цели, повторно се обновува.
Инаку, Европската мрежа на геопаркови е формирана во 2000-та година, а основачи се четири геопарка и тоа од: Франција (Reserve Géologique de Haute Provence), Германија (Vulkaneifel Geopark), Грција (Petrified Forest of Lesvos) и Шпанија (Maestrazgo Cultural Park).
Во Европската мрежа има 70 геопаркови
Моментално во Европската мрежа има 70 геопаркови од 23 држави на овој континент. На Балканскиот Полуостров, геопаркови освен во Грција има во Словенија, Хрватска и во Бугарија, а се прават напори за воспоставување и во останатите држави. За жал, без оглед на извонредното геонаследство и бројни раритетни геопојави, на подрачјето на Република Македонија сеуште нема геопарк (иако според проценките може да ги има барем 5-6).
Споредено со другите држави во кои има геопаркови, кај нас нема регион во кој неможе да се воспостави Европски геопарк (Маркови Кули кај Прилеп, Кратовско-Злетовската област, кањонот на Радика, Мариовскиот предел, Демиркаписка Клисура, кањонот Матка и многу други), што би имало навистина големи позитивни локални и национални ефекти. Всушност, речиси сите Европски геопаркови бележат извонредно позитивни резултати во нивната промоција, локален економски (најчесто рурален) развој и сеопшт напредок. Затоа е неопходно во идниот период да се искористат сите можности Македонија да го добие првиот геопарк и да се етаблира како навистина уникатна Европска геодестинација.
Пробиштип и Кратово се откажаа од идејата за геопарк
Во интерес на Злетовските рудници, Пробиштип и Кратово се откажаа од идејата за првиот геопарк во Македонија, кој требаше да биде под заштита на УНЕСКО. Почетната странска донација изнесуваше 200.000 швајцарски франци. Геопаркот ќе се простираше во околината на Лесновскиот манастир, кој и без тоа важи за непроценливо и заштитено историско и културно наследство на Балканот.
Градоначалниците на двете општини во 2019 година се откажаа од веќе започнатите активности, под изговор дека реализацијата на проектот и заштитата од УНЕСКО ќе ги доведат во прашање идните геолошки истражувања, па рударството, кое значи животна егзистенција за овој регион, целосно ќе згасне.