Македонија како „изгубен Германец“ во Брисел
Тешко е сега да бидеш функционер во Брисел и да примаш барања од македонската влада - за кои самата знае дека никој не може да и ги исполни
Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, по којзнае кој пат отиде во Европската унија и по којзнае кој пат ја доби истата порака – додека Македонија не ги испорача презементите обврски (да ги стави Бугарите во Уставот), не може да очекува продолжување на преговорите со ЕУ. За волја на вистината и Муцунски по којзнае кој пат возврати со истата порака до Брисел: дека нема шанси да се случат уставните измени ако ЕУ не ни даде гаранции дека овие бугарски барања поврзани со билатерални прашања не бидат последни.
Практично, ако се има на ум целта, Македонија да не влезе во ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ води брилијантна надворешна политика и Муцунски доследно ја спроведува. И покажува мускули кон ЕУ со тоа што не попушта во позицијата, и тврди дека сака да влезе во ЕУ, и се жали на крајот дека е неправедно Украина и Молдавија да ги почнат преговорите, а ние да стоиме во место.
Практично, успева да ги задоволи сите – и националистите и евроскептиците кои сакаат цврска рака кон Софија, и еврофилите кои сакаат евроинтеграција, и ги адресира сите комплекси во Македонија – кукајќи дека не е во ред ние да чекаме и натаму, а Украина да биде привилегирано примена во Унијата. И се жалиш, и се силиш, и си за ЕУ, и си против ЕУ, и кобајаги правиш реформи и ги правиш така да нема реформи, упорно врескајќи за неправдата што ја трпи Македонија од Брисел.
Таква беше и последната посета на министерот на Брисел од каде што Муцунски испрати соопштение во кое ја немаше главната порака од еврокомесарката Марта Кос – дека се чека на нас да исполниме што сме ветиле. Истата таа Марта Кос на која ние сме ѝ напишале текст за македонскиот идентитет (славната изјава за ајварот и пинџурот), за потоа да ја напаѓаме дека ги сведе на храна историјата, јазикот и самоопределувањето.
Многу е тешко сега да бидеш ЕУ функционер што треба да направи нешто за Македонија, а во континуитет да добиваш барања од Скопје што во Брисел не можат да ги исполнат, уште помалку да ги гарантираат. Практично, бараш гаранции што не можеш да ги добиеш, истураш куп критики кон ЕУ дека е неправедна и се враќаш дома да продолжиш со „реформите“, за да бидеш наводно подготвен за кога ќе се смени принципот на функционирање на Унијата, што нема да се случи никогаш. Иако, и пред да дојде на власт ВМРО-ДПМНЕ, беше јасно дека евроинтеграцијата ќе ја одведат на слеп колосек, ова отсуство на каква било надворешна политика освен намерно покренување предлози за кои знаат дека ќе ги одбијат, е водење на слеп колосек на државата.
Проблемот е што една година откако е на власта, оваа владејачка гарнитура не излезе ниту со еден кредибилен напор да најде решение за ситуацијата, освен што прави политички театар. Станува дури и апсурдно што одат воопшто во Брисел, кога ја движат државата надвор од сите главни процеси во Европа. Јавноста веќе не ги ни сфаќа сериозно овие посети на ЕУ, бидејќи не гледа сериозен настап и кредибилен концепт како да се одглави државата додека Албанија со молскавична брзина се движи напред, а Украина има што да ѝ понуди на ЕУ – од силна желба да бидат внатре, макар платиле и со живот, па до демострирање на огромен безбедносен, економски и човечки потенцијал што ѝ треба повеќе од кога и да е на Европа.
Место да покаже колку вреди и што може да придонесе Македонија, нашата влада кон ЕУ се однесува како вечно незадоволниот Виктор Орбан, верувајќи дека со седење на две столици ќе го заплаши Брисел, па тој ќе нѐ моли да преговараме за влез во Унијата. Тоа резултираше со неколку надворешно-политички авантури кои завршија како дебакли, од кои најголем беше кокетирањето со новата администрација на САД, што не нѐ спаси од високите даноци, напротив – сега никој не смее ни да ги спомене врските со Доналд Трамп, бидејќи можат да бидат контрапродуктивни.
Како дебакл заврши и идејата за заедничка резолуција со Бугарија во Европскиот парламент, која уследи по претходниот дебакл инициран од ВМРО-ДПМНЕ – да се вметне македонскиот јазик во извештајот на Томас Вајц во Европарламентот, што заврши со грубо повлекување. Иако целта наводно беше да се покаже дека Софија не ги сака само Бугарите во Уставот туку многу повеќе (и менување на името на јазикот), дури и академските кругови во нашата држава беа згрозени од аматеризмот со кој беше изведено тоа „цементирање“ на идентитетот, односно на штета на веќе извојуваните позиции за јазикот.
Дури и во НАТО Македонија е како „изгубен Германец“, иако ја следи генералната политика на Алијансата кон Украина и безбедноста на Европа воопшто, бидејќи со полуполитики успеа да остане надвор од иницијативата за производство на оружје и да не профитира, а со гласањето за „американските резолуции“ што не беа во прилог на Украина, практично ги поттикна сите во ЕУ да се запрашаат – за која политика навистина се залага? Иако од Киев изразуваат благодарност за поддршката за украинските иницијативи, покрај таа за суверенитетот и целовитоста на територијата, срам беше да се види дека ниту еден висок преставник на власта не се појави на националниот ден на Украина, каде што појавувањето не е само протокол, туку пред се политичка порака.
Посебен срам е што Македонија очекува дека Украина треба да стои и да чека Македонија да ги реши своите билатерални прашања за да влезе во ЕУ, во ситуација кога и самата порачува дека нема да ги решава туку ќе чека Брисел да ѝ ги реши. Полека пукаат и „шевовите“ за силните реформи што ги прави Македонија за да добие пари од Планот за раст на Брисел, за кои најдобро сведочи начинот на одолговлекувањето на кандидатите за судија во Стразбур и начинот на кој завршија изборните измени.
Од сѐ што кажа Муцунски во Брисел најапсурдно сепак звучење тврдењето дека ние (во Западен Балкан) сме „најбрза и најефтина инвестиција за стабилноста на ЕУ (а не Украина)“, во ситуација кога во Србија врие, а кај нас на сите страни ВМРО-ДПМНЕ ги напаѓа политичките опоненти во државата – дека имаат сценарија за дестабилизација и хаос на изборите!
Практично, само две пораки на Муцунски дадени на почетокот на оваа влада во Брисел, имаат реална тежина околу надворешната политика на државата. Првата е пораката што ја даде до ЕУ дека „ако имаат желба, ќе најдат и начин“ да ги продолжат преговорите со Македонија. Втората е дека „вистинското прашање е дали се сериозни околу процесот на проширувањето“. Поентата е дека овие две прашања не треба да ги одговори само Брисел, туку и нашиот премиер, со Муцунски како главен мислител во надворешната политика. Вака, прашање е зошто воопшто троши пари и оди во Брисел? И тоа кога на сите им е јасно дека светот се смени, дека ЕУ има многу поважни приоритети, дека владее логиката на посилниот, дека нѐ сака внатре, но нема време да ни ги решава проблемите и дека ЕУ земјите сами се соочуваат со сурова реалност.
„Ако ги направиме уставните измени, што ќе се случи ако Бугарија за шест месеци повторно дојде со барања поврзани со историјата, идентитетот или јазикот?“ – е клучната дилема што Муцунски ѝ ја испорача на Кос, како да е тоа проблем на Брисел, не на Македонија. Бидејќи веќе една година го кажува истото, тоа веќе не е ни вест.
Поголема дилема е што ќе се случи ако не ги направиме уставните измени и сите влезат во ЕУ, а ние не? Во време кога сите ги затвораат границите, кога ќе треба да платиме влезница за да патуваме во земја членка на Унијата, вклучувајќи ја и Грција, кога стана легитимно да срамниш држава со земја за да изградиш хотел, кога без надворешна помош не можеме ни да ги изгасиме пожарите, кога економската помош стана мислена именка и кога Орбан може да падне и владата да наскоро да остане без единствениот сојузник во Европа?