Македонија ја потпиша Рамковната конвенција на Советот на Европа за вештачка интелигенција


Конвенцијата, усвоена од Комитетот на министри на Советот на Европа во мај 2024 година, претставува прв обврзувачки меѓународен инструмент кој воспоставува принципи и стандарди за безбедна, етичка и одговорна употреба на вештачката интелигенција.

Со нејзиното потпишување, нашата држава се приклучува кон меѓународните напори за воспоставување јасни правила и стандарди за развој и употреба на вештачката интелигенција, во согласност со принципите на човековите права, демократијата и владеењето на правото.

На церемонијата,министерот за правда Игор Филков упати благодарност до  генералниот секретар на Советот на Европа, Ален Берсе за неговото лидерство и посветеност, како и на Советот на Европа за континуираната поддршка. 

   „ Што значи ова за Република Северна Македонија? Пред сè, значи дека воведуваме јасни гаранции дека вештачката интелигенција ќе се користи на начин кој го почитува човековото достоинство, еднаквоста и недискриминацијата. Граѓаните ќе имаат поголема заштита на приватноста и личните податоци, како и пристап до ефективни правни лекови доколку нивните права бидат повредени.

Особено ја поздравуваме флексибилноста што Конвенцијата им ја овозможува на државите – да ги приспособат мерките во согласност со своите правни и институционални системи, а притоа да ги почитуваат универзалните стандарди.

Ова е од клучно значење за ефективна имплементација и одржливи резултати “, истакна министерот Филков.

Во наредниот период ќе следува предратификациона анализа и процес на усогласување со националното законодавство, во кој ќе бидат вклучени релевантни институции, експерти и претставници на граѓанскиот сектор, со цел обезбедување квалитетна и сеопфатна имплементација на обврските што произлегуваат од Конвенцијата.

Потпишувањето претставува и значаен чекор кон продлабочување на меѓународната соработка и размена на искуства и добри практики во областа на новите технологии и дигиталното управување.

  „ Технолошкиот развој мора да биде во служба на граѓанинот. Иновациите мора да бидат безбедни, етички и одговорни. Да ги избегнеме ризиците, но пред се, да ги искористиме придобивките – за подобри јавни услуги, поефикасно правосудство и посилна демократија “, порача министерот Филков.