Македонија гори, Мицкоски се чешла
Премиере, кога ќе почнете да го работите тоа што треба? Прво изгаснете го тоа што гори. Не чекајте да заврне, па да се сликате со фалби дека сте ги изгаснале пожарите што ги запалила претходната власт
Убавите шуми убаво горат. Македонија гори цели два месеца, а премиерот Мицкоски се чешла. Молбите Господ да пушти дожд нешто помогнаа, останатото си гори додека не догори. Досега имало 667 поголеми и помали пожари кои направиле прав и пепел на стотици илјади хектари. Главниот известувач Стојанче Ангелов уредно, секојдневно, по повеќе пати ја информира јавноста за огнените стихии до целосна медиумска банализација како да се работи за друга планета. Кажано на скопски сленг: „Кина гори, к… те боли“. Владата е ангажирана 24/7 за крупни државни прашања за комплетно заокружување на власта, оти сѐ уште имало непријателски оази. Пустинската почва по опожарувањата се зголеми близу 10 отсто од територијата на Македонија.
Ѓорѓи Кимов, нашиот познат долгогодишен истражувач на јавното мислење и аналитичар ми пишува дека медиумите и новинарите се на ред нешто да направат што криминалните политичари од сите партиски бои не го прават со децении. Вели „досега само од последните огнени стихии се опожарени седум проценти од површината на нашата држава. За тоа голем придонес имаат лошата опременост на ЦУК со опрема не само што не е доволна, туку е и застарена и нефункционална. Општинските противпожарни единици се мизерно опремени со возила и опрема од минатиот век.“
Е, сега она што е најбитно и што секоја година нѐ опоменува со големи пожари и суши, но и со летни ненадејни промени на времето со силни врнежи, ветришта и поплави кои веќе покрај огромните штети однесоа и човечки жртви. Тоа се последици од климатските промени на кои во Македонија воопшто не се обрнува внимание и речиси не постојат осмислени активности и проекти и задолжени институции во државата, па во догледна иднина за осум до десет години Македонија може да се претвори во значителен дел во пустина, опустошена земја без водени ресурси, пресушени извори, реки, деградирани земјоделски површини и голи планини. Штетите би биле застрашувачки и трагични.
Можат ли новинарите нешто да направат
Кимов предлага да се донесат „мерки во два правци, прво да се донесат закони и други мерки со кои ќе се обврзе државата за подобрување на заштитата од шумски пожари и природни катастрофи. Вториот извор на приходи би бил многу позначаен по своите позитивни политички и психолошки ефекти. Позната е праксата кај нас по секои избори првото што го прават новоизбраните функционери, градоначалници, директори на државните фирми и други новопечени функционери е да купат скапи возила и нов мебел во своите кабинети со пари од и онака сиромашните фондови на општините и други државни институции.
Во тој поглед е потребно да се изврши силен медиумски притисок да се донесе закон со кој ќе се стави мораториум на луксузирањето на новите политички бубашваби кои ги лечат своите малограѓански комплекси со народни пари.“
Е, мој драг Кимов. Идејата ти е извонредна, но кои медиуми и новинари да извршат притисок? Кои граѓански асоцијации? Постои ли такво нешто во Македонија кое може да влијае на политичките патриоти? И тие што ги има се сведени на глас во пустина, а и на она што остана колку прсти на една шака се сатанизира и одвај дише на шкрги. Само еден општо познат пример за кој постојат строги закони. Секоја година дивите без дозвола и питомите дрвокрадци со дозвола опустошуваат шуми кои горат по домовите, безмалку колку и од пожарите. Во некои предизборни кампањи дури се ветува дека ќе можат да сечат и пустошат без проблеми.
На целиот слив на Вардар, на сите реки што се слеваат во опеаната и света, но и загадена река од извора до Солуна, нема ни една каскада, а не нешто повеќе. Но затоа на бубашавабите не им е тешко да ни ветуваат пловен Вардар од Белото до Црното море. Дали си слушнал за поголема будалаштина? Не би ме зачудило да има и такво нешто.
Плашат мечка со дајре
Еве кои се нашите главни теми наместо баналните извештаи колку има нови и стари пожари. Наесен ДУИ се подготвува за дестабилизација на државата, ама ни велат: Не берете гајле, сѐ е подготвено за гаснење и на тој пожар. Малку заплашување мечка со дајре, па веднаш спасување од опасност која самите ја повикуваат. Како онаа држете го крадецот, комбинирана со држете го дестабилизаторот.
Тоа секогаш дава добри резултати како кога се палат стрништата, се разбира ако не дувне некој посилен ветер, па огнот да остане без контрола. Таа работа во политиката одамна е позната, се нарекува контролирана дестабилизација од која имаат ќар само тие што ја произведуваат. Но, работите некогаш излегуваат од контрола и ете ти вистински и трагичен хаос кој лесно може да прерасне во граѓанска војна.
Останува да се завршат уште неколку освојувања на власта за непречено апсолутно владеење, па да се оди на локални избори. Тоа е првиот чин од главната стратегија на премиерот Мицкоски и неговите партнери во власта.
Прво треба да се дисциплинира градоначалничката на Скопје, па целосно да се окупира и главниот град, бидејќи и таа и ВМРО-ДПМНЕ заборавиле кој ја избрал. Истовремено следи блицкриг акција за целосна контрола врз правосудниот систем. Таму ќе се направи чистка за да дојдат обвинители, судии, членови на судски и обвинителски совети, „наши“ луѓе во сите правосудни инстанци кои ќе го дигнат угледот и довербата во јавноста да се суди според законот на долгата рака на ВМРО.
Овојпат ќе нема потреба од тефтерчиња и нарачки на пресуди како во времето на Никола Груевски. Штом дојдат партиски заслужни делители на правдата, тие си ја знаат работата, без никој да им врши притисок.
Другите подготовки се веќе завршени. По општините на сите места уште пред три години се распоредени кадри по праведна партиска застапеност. Во министерствата веќе се формирани казнени одделенија кои имаат звучни имиња како кабинети за научни, или стратешки истражувања. Таму се сместени сите „сомнителни“ да земаат плата и да клатат врата, што не се покажале лојални на партиите на власт. Така е во Министерството за внатрешни работи, во полицијата, во Министерството за одбрана, во армијата, во Министерството за финансии, за здравство, по болниците, не е поштедено ни Министерството за култура, дури и во музеите, галериите, државните универзитети, во училиштата, градинките, во архивите… Да не зборуваме за јавните претпријатија, управните и надзорните одбори, во државните фондови, се сѐ менува радикално од врвот до секретарките, келнерите, возачите, обезбедувањето…
Има неколку познати тактики како тоа се прави. Прво се оди на еден перфиден начин со притисок политички неподобните сами да си поднесат оставки, да се завршат работите без големи потреси, демек цивилизациски. Ако има „тврдоглави“ кои не сакаат да поднесат оставки, почнува процесот за нивно јавно компромитирање, дека не ги бива, или дека направиле злоупотреби, до закани за судско гонење.
Уште колку власт ви треба?
По секои избори на кои победува ВМРО-ДПМНЕ следува кадровски геноцид. Се чисти сѐ што не е строго партиски определено. Тој процес на промени, читај чистки, ќе трае некаде до крајот на годината, а во меѓувреме ќе почне по општините поделбата на 250 милиони евра поволен кредит од Унгарија кој ќе се троши како коруптивна предизборна кампања, а може да се дозира по потреба уште со 250 милиони евра. Така ќе биде извојувана уште една голема победа на локално ниво.
Потоа, во зависност од проценките и големината на победата, можат да се оди спокојно и на предвремени парламентарни избори кон крајот на 2025, или почеток на 2026 година, за што ќе бидат потребни другите 500 милиони евра од кредитот на големото пријателство со премиерот Виктор Орбан.
Сакам јавно да го прашам премиерот: Уште колку власт Ви треба за да почнете со вистинската работа? Прво изгаснете го тоа што гори и ја пеплосува Македонија. Не чекајте да заврне, па да се сликате на телевизиите и социјалните мрежи со фалби дека сте ги изгаснале пожарите што ги запалила претходната власт. Потоа престанете со вашите помошници да се китите со туѓи пердуви и да одите на траси кои беа пред завршување, или со успешното реновирање на дигестивната клиника во Државната болница со донации на опрема од Јапонија која ја обезбедија други луѓе. Престанете да ги бркате од работа способните и успешни луѓе.
(Линк до текстот во Дојче веле овде)