Македонија гласаше за резолуцијата за Сребреница


И Македонија гласаше за усвојување на резолуцијата за Сребреница. Нашата држава беше земја коспонзор на предлогот да се донесе резолуцијата на иницијатива на министерот во заминување Бујар Османи.

Генералното собрание на Обединетите нации вчера ја усвои резолуцијата со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и се осудува негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници.Србија се противеше на носењето на ваква резолуција. 

Резолуцијата не помина „мазно“. Претставниците на 84 земји гласаа за усвојување на резолуцијата, меѓу кои и Македонија, 19 држави беа против, а 68 воздржани, а за воздржаните, најблаго речено, би можело да се каже дека имале многу резерви од полезноста на нејзиното усвојување. Меѓу тие што гласаа против се Унгарија, Русија, Кина, Белорусија, Бразил… Меѓу возджаните се Грција, Кипар, Словачка, Индија, Бразил, Мексико…

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ оцени дека ако се погледне кои држави не гласаа ЗА, дека може да се каже дека станува збор за две третини од населението во светот. Србија ја доживува резолуцијата како неоправдано етикетирање на српскиот народ како геноциден, кога низ историјата имало и поголеми злосторства на други места, но кои групата моќни држави не сака да ги означи како такви да останат во колективното светcко помнење. Османи објаснуваше дека таа одлука е со цел да се придонесе за затворање на една од темните страници од минатите децении во Западниот Балкан, дури и изјавуваше дека ги повикува министрите за надворешни работи на Србија и Босна и Херцеговина заедно со него да разговараат и да се помират.

Претедателката на Македонија, Гордана Силјановска Давкова, но во деновите кога беше кандидатка за функцијата рече дека така крупни одлуки не може да се носат без поширок консензус, но не направи ништо да не се гласа од наша страна иако Македонците од Србија го бараа тоа со писмо.

Министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ, изјави вчера дека БиХ ќе испрати протестни ноти до сите држави кои  гласаа против резолуцијата. Конаковиќ оцени дека се прават обиди да се минимизира бројот на земјите кои гласаа „за“, но нагласи дека само 19 земји гласаа „против“, додавајќи: „Нам ни беше важно тој резултат да биде позитивен. Односот е 4:1 во корист на оние кои се на страната на вистината“, истакна тој.

„ Сметаме дека тие што гласаа против се на страната на извршителите на воени злосторници и дека не ги почитуваат пресудите на меѓународните судови. Тоа е наша човечка обврска“, рече Конаковиќ, пренесуваат сараевските медиуми.

„ Од нас се очекува да имаме единствен став во БиХ со оние за кои се носи резолуцијата, вели министерот, додавајќи дека гласањето за резолуцијата не е никаква победа ниту натпревар, туку борба да се позиционира вистината како што заслужува. Многу ни е важно што денеска не слушнавме никој да зборува против фактите освен (претседателот на Србија, Александар) Вучиќ и дека важно е што целиот регион, освен Србија, беше на вистинската страна“, истакна Конаковиќ.

Конаковиќ ги повика „соседите да ги смират страстите“ и да се „вратат на секојдневните проблеми кои ги имаат“.

„ Знаеме дека бројни земји во регионот беа под притисок, но покажаа храброст. Тоа никогаш нема да го заборавиме“, потенцираше шефот на дипломатијата.

Изјавата на претседателот на Република Српска, Милорад Додик, за „мирно разидување“ во БиХ, Конаковиќ ја нарече бесмислена и додаде дека „нашите институции ефикасно ќе одговорат на сите кои ќе работат на дестабилизација“.

Од друга страна, српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е горд на својата земја и Србите во соседните земји.  Тој ја осуди резолуцијата, велејќи дека таа ја „понижува“ Србија и дополнително го дели регионот. Вучиќ, исто така, истакна дека комбинираните гласови воздржани и „против“ – 87 – биле повеќе од 84-те гласови „за“.

„Гледате, ова е големо изненадување за многумина кои беа внатре во салата, иако им кажав, видовте на почетокот какви поделби ќе предизвика ова. На крајот, 87 од присутните во салата не гласаа за резолуцијата, 84 гласаа за неа. Во секој национален парламент тој предлог ќе мора да падне. Вреди да се забележи и тоа што 22 земји го прескокнаа состанокот и не гласаа, некои наводно поради спорот околу комеморацијата“, рече Вучиќ.

Резолуцијата го утврдува 11 јули како „Меѓународен ден на размислување и комеморација на геноцидот во Сребреница во 1995 година“, кој ќе се одбележува секоја година почнувајќи од оваа година. Резолуцијата, спонзорирана од Германија и Руанда, не ги споменува Србите како виновници. И Србија и босанските Срби негираа дека се случил геноцид во Сребреница, иако за тоа има две пресуди на судовите во ОН.