Македонија ќе добие 4 милијарди евра за да не се труе со јаглен

ЕБОР, Светска банка, приватни кредитори ќе го поддржат амбициозниот план Македонија да ги замени „Осломеј“ и „Битола“ со обновливи извори до 2030 година


Ископување на јаглен во РЕК „Битола“ (Фото: Ројтерс)

 

Меѓународните кредитори, вклучително и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и Светската банка, ќе го поддржат планот од 4 милијарди евра за оослободување на Македонија од јагленот, изјави шефот на ЕБОР за Ројтерс.

Договорот, кој се очекува да биде објавен на климатските разговори COP28 во Дубаи кои започнуваат на 30 ноември, ќе постави план за затворање на двете електрани на јаглен „Осломеј“ и РЕК „Битола“ и нивна замена со 1,7 гигавати обновлива енергија.

„Јагленот во Македонија претставува 40 отсто од енергетскиот извор, затоа е многу голем, многу е значаен“, рече претседателката на ЕБОР, Одил Рено-Басо.

Планот следи по слични напори за постепено укинување на јагленот во Јужна Африка, Индонезија, Виетнам и Сенегал, со поддршка од владите, јавните кредитори и приватните инвеститори.

Ројтерс пишува дека цената за ослободувањето од јагленот е еквивалентна на 2.000 евра за секој од 2-те милиони жители на Македонија и ја истакнува тешкотијата со која се соочуваат многу мали или со ниски приходи земји во финансирањето на транзицијата кон почиста енергија.

Македонија со години работи за да се ослободи од јагленот по долгите периоди на големо загадување.

Во 2021 година, електраната на јаглен, РЕК „Осломеј“, беше повторно отворена за да се намали увозот на електрична енергија. Двете електрани на јаглен се застарени и согоруваат лигнит, кој е најзагадувачкиот вид јаглен.

Портпаролот на Климатските инвестициски фондови на Светска банка (ЦИФ) потврди дека Македонија е кандидат за концесиско финансирање од 85 милиони долари од неа. Тој рече дека инвестицискиот план, вклучително и конкретната сума пари, ќе оди на одобрување до управното тело на ЦИФ на почетокот на следната година.

Рено-Басо рече дека покрај околу 300 или 400 милиони евра концесиско финансирање, финансирањето ќе дојде од мултилатерални заемодавачи како што се Меѓународната финансиска корпорација (ИФЦ) и приватниот сектор.

Портпаролот на ИФЦ рече дека зелената транзиција, вклучително и во Македонија, е еден од нејзините врвни приоритети, но не можеше да потврди никакви детали од планот.

Светската банка не го коментираше ова, ниту пак Владата на Македонија одговори на барањето за коментар на барањата на Ројтерс.

Македонија се приклучи на Powering Past Coal Alliance – група земји посветени на постепено укинување на енергијата од јаглен – во 2021 година.

Државата го одложи датумот до 2030 година во јануари минатата година, иако имаше за цел завршување до 2027 година.