„Мајкрософт“ под истрага во Италија


Италијанскиот регулатор денес објави дека започнал истрага за да утврди дали „Мајкрософт“ соодветно ги информирал потрошувачите за промените во пакетот „Мајкрософт 365“, вклучително и вклучувањето на алатки за вештачка интелигенција што исто така подразбирало повисока цена за услугата.

Производителот на Виндоус можеби не ги информирал потрошувачите доволно јасно дека услугата Мајкрософт 365 е интегрирана со алатките за вештачка интелигенција Копилот и Дизајнер, се вели во AGCM во образложението на одлуката за започнување на истрагата.

Потрошувачите очигледно автоматски биле префрлени на поскап пакет за претплата ако не го искористиле своето право да го одбијат, додаде регулаторот во соопштението.

Таквото однесување потенцијално претставува кршење на прописите за правата на потрошувачите кои немале доволно информации за да ги проценат промените во услугата и не можеле да донесат информирана одлука за продолжување на нивната претплата, се вели во соопштението.

Информациите на „Мајкрософт“ за промената, исто така, потенцијално претставуваат „агресивна“ практика бидејќи се чини дека ја ограничила слободата на избор на потрошувачите.

Американскиот софтверски гигант не беше веднаш достапен за коментар за италијанската истрага, забележува Ројтерс.