Маја Кикириткова го отвара 2. Скопски моден фестивал
Под слоганот „Can you feel the light?“, денес и официјално ќе биде означен почетокот на втората сезона на новата модна манифестација во земјата, најпрво со три ревиски вечери на 10, 11 и 12 ноември, а потоа и со еднонеделен изложбен салон од 13 до 20 ноември во трговскиот центар Скопје Сити Мол.
Колекцијата „Ти можеш, ти си силна“ од македонски бренд „Eleazar“ на дизајнерката Маја Кикириткова го отвара 2. Скопски моден фестивал. Инспирирана е од жената во својата најдлабока форма на самоувереност и самостојност, со креациии што истовремено издишуваат жена без предрасуди и жена која знае што сака.
Следува автентично-уметничкиот приказ „Гоблен“, со потпис на дизајнерот Етник Шала, екстравагантниот гостин од Косово што за прват ѝ се претставува на македонската публика.
Завршетокот на првиот ден ќе донесе нови идеи од нови дизајнери кои доаѓаат од Академијата за моден дизајн при Скала – школата за дизајн, уметност и технологија. Под менторство на професорите Александар Ношпал и Никола Булески – Буле, петте млади и надежни имиња: Марија Трајковска, Ангела Спасовска, Луна Аврамовска, Милица Димитријевиќ и Ива Ивановска, со своите креации ќе нѐ прошетаат во ерата на 70-тите, либералистичкото движење, панкерските ноти и убавината на жената – вечниот неисцрплив извор на инспирација.
Во петок (12.11) ревијалната програма ќе стартува со првата самостојна ревија на Мелани Дигит пред скопската публика Веднаш по неа, на ред е ревијата на една од најавтентичните домашни дизајнерки – Сара Реџиќ, која ќе ја презентира најновата колекција со назив „ЈЕСЕНИЈА“.
Следи ревијата на модното ателје Kraljevski, со премиерен приказ на колекцијата наречена „Нема граници“.
Моќта на машката мода ја вдахнува брендот на етаблираниот дизајнер Роберт Ивановски, кој на крајот од втората фестивалска вечер ќе промовира линија на ленени машки креации во црна, кралско сина и зелена боја.
Третата ревиска вечер, во сабота (12.11), ќе ја отвори сценското шоу на брендот HERLINE, со колекција содржана од женствена спортска облека и елегантни костими за капење „Revelation“.
„LIBERTY“, пак, е симболичниот назив на колекцијата со уникатни изгледи на Стефанија Насеска. Следи новата колекција на македонскиот бренд La maison Cece T. Дебитантската ревија на фестивалот ќе ја има со колекцијата именувана „Metamorfosis“.
В недела, на 13 ноември, Скопскиот моден фестивал ќе се пресели во изложбениот салон, на првиот кат од трговскиот центар Скопје Сити Мол. На едно место ќе може сите заинтересирани да ги погледнат и нарачаат креациите на учесниците на втората сезона. Свеченото отварање е од 13 часот со дегустација на вино и богата музичка програма на менито.