Лоша вест за диктаторите и олигарсите, САД ги преиспитуваат „златните визи“


SAN YSIDRO, CA - JANUARY 8: Travelers take out their passports before checking in at San Diego International Airport January 8, 2006 in San Diego, California. Beginning on January 23rd, United States passengers traveling by air will be required to show a passport when traveling to Mexico or the Caribbean. Congress is also pushing to require passports when traveling by land or sea to from the United States to Mexico or Canada by early 2008. (Photo by Sandy Huffaker/Getty Images)

Благодарение на тековната пандемија со Ковид 19, минатата година „експлодираше“ популарноста на „златните визи“ и на „златните пасоши“, кои им беа давани на богати странски државјани во замена за значителни инвестиции без да се праша за потеклото на нивните пари и имоти. Пазарот напредуваше благодарение на рекордниот број на апликанти и сè поприфатливата цена – Летонија сега продава вакви златни визи за само 60.000 евра.

Заедно со популарноста, сепак, порасна и свеста дека овие програми отвораат врата за валкани пари и за недозволени финансирања. Таканаречениот Извештај за Русија во Велика Британија конкретно ја посочи подготвеноста на официјален Лондон да продава визи и престој на руски олигарси, занемарувајќи ги нивните врски со Кремљ. Истражителите во Малта, пак, открија дека озлогласениот офшор остров продолжува да продава државјанства на Европската унија на богати кинески и саудиски државјани, и покрај тековните истраги за програмата од страна на Брисел. На Кипар, пак, граѓаните протестираат за подготвеноста на островот да продава државјанства на перачи на пари, транснационални криминалци и олигарси поврзани со постсоветските диктатори – програма во центарот на таканаречените Кипарски документи, кои ја тргнаа завесата од богатите измамници и криминалци кои со отворањето банкарски сметки влегуваа на островот, а индиректно и во ЕУ.

Но, и покрај многуте вакви истраги, САД; една од водечките земји вклучени во продажбата на државјанства и престој, во голема мера ги избегна критиките. Со децении Вашингтон се веселеше на средствата стекнати преку сопствената програма за златни визи. Технички позната како инвестициска виза ЕБ-5, оваа шема потекнува од 1990 година. За 500.000 американски долари и обврска да се отворат неколку нови работни места во САД, странските државјани можат да добијат условен престој, а набргу потоа и американското државјанство. Триесет години подоцна програмата остана во голема мера иста, а неодамнешните напори да се зголемат сумите за добивање ваква привилегија беа запрени.

За поддржувачите програмата беше успех, со десетици илјади странски државјани кои наводно создале илјадници работни места, а генерирале милијарди долари странски инвестиции. Програмата имаше поддржувачи од висок профил, од сенаторот Линдзи Греам до Џеред Кушнер, зет на поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, чие семејство патуваше специјално во Кина за да лови кандидати за визите.

Сепак, ако гребнете под површината, јасно е дека програмата на САД е малку поинаква од сличните програми што одеднаш се соочуваат со реакција. Ако ништо друго, релативната достапност на програмата на САД – далеку од сличните програми во Велика Британија (која чини околу 2,6 милиони долари) или во Австралија (околу 3,7 милиони американски долари) – прави да изгледа како фантастичен договор. Бидејќи, на крајот на краиштата, малку пасоши можат да конкурираат на големината и моќта на американскиот пасош. Исто така, ако сте олигарх со американски пасош многу е помала веројатноста да се најдете на каква било листа на санкции, а исто така помалку е веројатно и дека ќе се соочите со прашања во врска со потеклото на сопствените финансии.Покрај тоа, потенцијалните инвеститори можат да аплицираат за американски престој без веќе да престојуваат во САД – корисна разврска за оние кои не сакаат да се занимаваат со строгите имиграциски ограничувања на друго место.

Но, цената не е единствената предност на американските златни визи. „Децении по нивното востановување, речиси ништо не се знае за бекграундот на апликантите за програмата ЕБ-5“, тврди аналитичарот Белинда Ли. „Единствената информација што им е достапна на американските власти, е обезбедена од самите апликанти на нивните формулари за апликација“. Како резултат на тоа, Вашингтон не обрна внимание на зголемените редови на клептократи кои бараат влез во САД, откако открија дека  програмата ЕБ-5 е отворена за какви било пари што можат да ги обезбедат, без оглед на потеклото. Документите за ваквите апликации – кои вкупно бројат околу 14 милиони страници, според Ли – исто така останаа „далеку од целосно дигитализирање“. Така што, апликантите презентираат какви било детали за изворот на нивното финансирање знаејќи дека нема централна база на податоци која ќе го олесни нивното следењето од страна на американските имиграциони власти. Или поедноставно, потфатот на тие што бараат валкани пари што се влеваат преку визите EB-5 е  рамен на обидите да најдат игла во сено – без дури и да знаат во кое сено да бараат.

Затоа, не е изненадувачки што програмата за златни визи на Соединетите Држави веќе привлече разни измамници и транснационални перачи на пари кои се заситени од слични програми на друго место. Еден кинески клептократ, кој се стекна со американски престој благодарение на програмата ЕБ-5, е откриен дека перел средства преку странски банки и недвижнини. И други членови од „Листата на 100-те најпосакувани“  во Кина се поврзани со шемите ЕБ-5. Една од клучните фигури поврзани со санкционираниот украински олигарх Ихор Коломоиски и со неговите напори да испере  стотици милиони долари низ американскиот среден запад, исто така инвестираше преку програмата ЕБ-5 – и заврши во затвор за големи измами.

Неодамнешното истражување на „Транспаренси Интернешенел“ во Русија откри колку е лесно за странските државјани преплавени со валкани пари да пристапат до една од овие американски златни визи. Маскирани во потенцијални инвеститори, членовите на организацијата за транспарентност открија американски адвокати и руски посредници повеќе од подготвени да помогнат во процесот на аплицирање – и покрај јасните знаци дека нивното богатство е од „нелегитимно потекло“. Низа адвокати во САД – кои покажаа дека се најдобри пријатели што може да ги посака клептократ – детално им ги објаснуваа начините како да го прикријат потеклото на богатството, вклучувајќи и   обезбедување договори со роднини и документи за работа од пријатели. Истрагите открија дека околу 150 руски државјани успешно добиле ЕБ-5 визи во последните неколку години, но бидејќи американската влада не ги објавува имињата на овие инвеститори, руската јавност може само да претпостави кои се тие. А. бидејќи сите финансиски информации се обезбедени од самите инвеститори, остатокот од нас може да претпоставува и кој е изворот на средствата.

За среќа, обновениот фокус во Вашингтон создаде простор за конечна реформа и потенцијално целосно укинување на програмата за златни визи во Америка. Програмата долго време се соочува со притисок за реформа од страна на сенаторите Чак Грасли и Патрик Лихи, кои (правилно) гледаат на неа како на „широка авенија за измами“. Двајцата сенатори неодамна предложија двопартиски нацрт-закон наречен Закон за реформа и интегритет на ЕБ-5  кој содржи нови барања за откривање и борба против финансиските измами и за редовни контроли на самата програма. И покрај противењето на лидерот на мнозинството во Сенатот,  законот претставува најсилно спротивставување на програмата досега од Сенатот. И во Преставничкиот дом почна да се споделува слична загриженост.  Демократот Том Малиновски, копретседавач на новата пратеничка група на Конгресот против странска корупција и клептократија и републиканскиот претставник Адам Кинцингер неодамна предложија друга двопартиска иницијатива, наречена Закон за отчетност за златната виза. Предлог-законот ќе го насочи Стејт Департментот кон создавање база на податоци за лицата на кои им е одбиена визата ЕБ-5 поради можна корупција или злоупотреба на човековите права. Соединетите држави тогаш ќе ги охрабрат сојузниците и другите влади да го споделат идентитетот на поединците на кои им е одбиена златна виза на друго место. Предлог-законот се надоврзува на проблемот со таканаречениот пазар на златни визи, каде што клептократите што не успеале да добијат ваква привилегија во една земја, се преселиле во друга со цел да добијат пристап до Западот.

„Американското државјанство не треба да се продава“, порача Малиновски. „Програмата ЕБ-5, кеш за државјанство, е преголем ризик во ова време на клептократија, каде пријателите на авторитарците и олигарсите го користат своето богатство за да се инфилтрираат и да ја кородираат демократијата“, додаде тој. 

Иако новите регулативи претставуваат досега невиден напор за справување со програмата за златни визи во САД, Вашингтон не треба да застане тука. Дополнителните напори, зголемувањето на ресурсите, на транспарентноста и конечното дигитализирање на сите документи во врска со програмата би ја отежнале  леснотијата со која клептократите пристапуваат до овие визи.Исто така, покрај зголемувањето на координацијата и споделувањето на податоците за одбивањето да се издадат визите, САД треба да започнат со запирање на безвизното  патување за земјите кои продолжуваат да нудат широко отворени програми за златни пасоши – и да продолжат да ги притискаат сојузниците да го сторат истото.

Иако на почетокот овие реформи изгледаа наметнати, тие доаѓаат во момент кога слични промени се случуваат и во други земји и кога се создаде моментум во  Вашингтон дека е потребно конечно решение за валканите, клептократски фондови што ги преплавуваат САД. Конгресот, на пример, ги донесе најсилните реформи во земјата против перењето пари во оваа генерација, конечно забранувајќи регистрирање компании затскриени зад анонимни сопственици.Администрацијата на Џо Бајден исто така ја издигна борбата против корупцијата на ниво на „национален безбедносен интерес на  САД“, а Конгресот започна со предлагање закон по закон за пресметка со клептократиј. Ова е моментумот на кој сега се приклучува и  реформата за златната виза, со која можеби и ќе се стави крај пред да се исперат уште повеќе пари на клептократите на американските брегови. (Форин полиси)