Лога за Судскиот совет: Некои од вас ќе си заминат дома!


Министерот за правда Кренар Лога (Фото: Б. Грданоски)

Министерот за првада Кренар Лога ја продолжи серијата меѓусебни препукувања со Судскиот совет овојпат обвинувајќи ги за лицемерие и глумење дека работат додека чуваат предмети во фиока. 

– Судскиот совет, наместо да делува законски и да презема дејствија против незаконските постапувања на одредени судии и претседатели на судови, цело време неодговорно се брани со јавна покана за учество на министерот на седници, каде не може да присуствува заради препораките на ГРЕКО и законот. Сите овие месеци откако ја презедов одговорноста да бидам носител на функцијата министер за правда, од нив имам побарано само да го почитуваат законот и ништо друго. 

Во јавноста се силат дека се конструктивни, а во позадина чуваат предмети за да застарат. Не може одговорен орган да има двојни аршини – за некого морков, а за друг стап за доделување моќ. 

Одредени членови на Судскиот совет се свесни дека е време да си заминат дома, а исто така е дојдено време и да одговораат за сите преземени дејствија во минатото, што ќе биде санкционирано со новите измени на законот.  Одговорност мора да има и ќе има. Законот над сè и пред сè. Имаат храброст да му се спротистават на министерот, а немаат грам храброст кога истите ставови се кажуваат и од меѓународните претставници. Пoчитувани, одредени членови на Судски совет: Лицемерие не е вредност! -стои во одговорот на Лога до Судскиот совет. 

Судскиот совет претходно реагираше на барањето на Лога, поради конфликт на интереси,  да ја  изземе Лорета Ѓорѓиева од Комисијата на известители по поднесено барање  за утврдување на одговорност за судија.