Лисабон прогласен за најдобра гурманска дестинација во Европа


Дубаи – Натпреварот „Светски готварски награди“ има за цел поттикнување и распространување на глобалната култура на јадење и готвење, како и да го поттикне гастрономскиот туризам. Така, на петтото издание на натпреварот, главниот град на Португалија, Лисабон е прогласен за најдобра гурманска дестинација во Европа.

Почесната награда, како признание за разновидната и висококвалитетна гастрономска понуда, беше доделена на свеченоста во Дубаи, Обединетите Арапски Емирати. Освен Лисабон, меѓу градовите-натпреварувачи, беа и Барселона, Шпанија; Копенхаген, Данска; Фиренца, Италија; Лондон, Англија; Париз, Франција; и Виена, Австрија. Победникот е избран со јавно гласање.

Градоначалникот на Лисабон, Карлос Моедас изјави дека е голема чест да се види дека лисабонскиот идентитет се почитува и оти е горд што португалската гастрономска традиција, комбинирана со иновациите, сега е препознаена.

Она по што Лисабон е познат, е традиционалната храна, но и рестораните и готвачите со заслужената престижна готвачка „Мишелин“ ѕвезда, кои постигнуваат специфичен вкус и храна. Со широката гастрономска понуда, Лисабон привлекува сѐ повеќе посетители од целиот свет и со тоа придонесува за подобрување на квалитетот на својот туризам.