Ликовна изложба „Емотивни пејзажи – никаде толку луѓе како во еден човек“ на Јасмина Котевска и Тони Попов
Во Домот на култура во Крушево вечерва во 19 часот ќе биде отворена ликовната изложба „Емотивни пејзажи – никаде толку луѓе како во еден човек“ на Јасмина Котевска и Тони Попов, која претставува циклус експресионистички портрети и автопортрети создадени како непосреден одговор на внатрешните емоционални состојби на авторите.
Наместо класично прикажување на физичкиот лик, делата го истражуваат човекот како психолошки простор – како збир од расположенија, сомнежи, сеќавања и тивки внатрешни разговори.
Според авторката на текстот за каталог Николина Атанасоска, нивниот заеднички настап не е натпревар, туку интимен сликарски разговор, однос во кој авторите меѓусебно се препознаваат и се „огледуваат“ еден во друг. Котевска и Попов се поврзуваат преку сроден ликовен израз — блискост во колоритот, експресивниот потег и интересот за човековата внатрешност. Нивното сликарство произлегува пред сè од длабоки лични, емотивно-психолошки состојби, при што платното станува простор на личен дијалог и самоспознавање.
Во делата на Јасмина Котевска доминира непосредноста и еруптивната емоционалност. Нејзините фигури не се портрети во класична смисла, туку состојби – мир по внатрешна борба, тивка тага, прифаќање и ранливост. „Ликовите не се личности, туку емотивни состојби“, при што физичкото присуство е тука, а погледот често останува свртен кон
внатрешниот свет.
Тони Попов низ серија автопортрети води континуиран разговор со себеси. Неговото сликарство е обележано со воздржаност и дисциплина, каде бојата и потегот ја откриваат напнатоста меѓу самокритиката, помирувањето и потребата за самоприфаќање. Сликарството кај него функционира како простор на соочување, но и како обид за внатрешно смирување – место каде, како што се вели во текстот, „болката повеќе не боли, туку оплеменува“.
Во целина, „Емотивни пејзажи“ го третира портретот како внатрешен пејзаж. Делата не се само претстави на лица, туку состојби – страв, надеж, замор, копнеж и помиреност.
Изложбата го отвора прашањето колку идентитети живеат во еден човек и дали уметноста може да биде безбедно место за искреност и ранливост, слично како и пријателството – „да му бидеш огледало на другиот, доволно блиску и доволно искрено за да може да се види себеси“.