„Лидл„ се подготвува долго да остане во Македонија


Германскиот трговски синџир „Лидл“ ја потврдува својата долгорочна определба за македонскиот пазар преку инвестицијата од 115 милиони евра во новиот логистички центар во Куманово, кој претставува еден од најголемите и најсовремени објекти од ваков тип во земјата и регионот. Повод за претставување на проектот беше посетата на германската амбасадорка Петра Дрекслер, која направи обиколка на комплексот и се запозна со неговите капацитети и современи технологии.

Логистичкиот центар е клучен дел од стратегијата на „Лидл“ за почеток на работењето во земјата и ќе биде основа за снабдување на идната мрежа на маркети. Објектот е проектиран според највисоки стандарди за енергетска ефикасност, безбедност и одржливост, со современи системи за автоматизирано управување, пет температурни зони за различни категории производи, фотоволтаичен систем, инфраструктура за електрични возила и решенија за управување со отпадот и водите.

Извршната претставничка на „Лидл“, Милена Драгијска, истакна дека логистичкиот центар претставува темел на долгорочната инвестиција на компанијата во Македонија.Според неа, оптимизираните логистички процеси ќе обезбедат сигурен синџир на снабдување и секојдневна испорака на свежи и квалитетни производи по пристапни цени, додека соработката со домашните производители ќе отвори нови можности за извоз и пласман на странските пазари.

Покрај современата инфраструктура, проектот има и значително економско влијание. Во неговата изградба биле вклучени повеќе од 75 домашни компании, а со почетокот на работењето ќе бидат отворени преку 200 нови работни места.Центарот се простира на 67.000 квадратни метри и има капацитет за складирање на повеќе од 47.000 палети.

Амбасадорката Петра Дрекслер оцени дека логистичкиот центар е јасен пример за значајна германска инвестиција во Македонија, нагласувајќи дека „Лидл“ веќе придонесува за зголемување на капацитетите на домашните производители преку поддршка за исполнување на европските стандарди и сертификати, што создава услови за нивно полесно интегрирање на пазарот на Европската Унија.

Со оваа инвестиција, „Лидл“ не инвестира само во современа логистичка инфраструктура туку и во развојот на локалната економија, отворањето нови работни места и создавањето одржлив малопродажен систем, со што дополнително ја потврдува својата намера за долгорочно присуство на македонскиот пазар.