Лидерите на ЕУ испратија порака до граѓаните на Унијата: Ако се обединиме, ќе го победиме вирусот


 Лидерите на земјите-членки и на ЕУ испратија порака до граѓаните на ЕУ во врска со пандемијата, во која им се заблагодарија и им дадоа надеж на крајот на 2020 година.

Тие објавија куси видеопораки на интернет страницата на Европскиот совет, кои ги снимија одделно, под наслов „Обединети против Ковид-19“.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел порача дека тим од 450 милиони граѓани на ЕУ може да ја стави пандемијата под контрола доколку ги почитува мерките, се грижи за себе и за другите.

Германската канцеларка Ангела Меркел рече дека најдобрата заштита од пандемијата е во наши раце.

– Ограничете ги контактите, носете маски, држете растојание и покажете грижа за другите. Заедно ќе бидеме посилни од вирусот, рече Меркел.

Францускиот претседател Емануел Макрон им се заблагодари на граѓаните за нивната одговорност и солидарност и додаде дека мора да продолжат да бидат солидарни и одговорни сè додека не се појави вакцината.

– Само на тој начин можеме да се спротивставиме на вирусот. Се надевам дека вакцината ќе стави крај на пандемијата, рече Макрон.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан повика на обединување во борбата против Ковид-19.

– Ако се обединиме, ќе победиме, рече тој.

Италијанскиот премиер Џузепе Конте истакна дека Божиќ е време на радост, но оти мора да останеме внимателни.

– Божиќ ќе биде поинаков, но развојот на вакцината е голем знак на надеж, рече Конте.

Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави дека пандемијата многу силно ја погоди Европа и оти им е благодарен на многу граѓани кои помогнаа.

– Посебна благодарност до лекарите и оние кои работеа во домовите за нега и за стари лица, а пред се на истражувачите, рече Курц.

Слични пораки испратија и други лидери на земјите-членки на ЕУ, како што се хрватскиот и словенечкиот премиер Андреј Пленковиќ и Јанез Јанша, словачкиот премиер Игор Матович и многу други