Лидерите на Азербејџан и Ерменија викнати во Кремљ на разговори
МОСКВА – Рускиот претседател Владимир Путин во понеделникот беше домаќин на неговите колеги од Ерменија и Азербејџан да разговараат за повторно отворање на транспортните патишта во регионот кои се парализирани речиси три децении во услови на конфликт околу Нагорно Карабах.
Разговорите се случија два месеца откако со примирје со посредство на Русија завршија неколкунеделни жестоки борби меѓу ерменските и азербејџанските сили во кои загинаа повеќе од 6.000 луѓе.
Поздравувајќи го азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинијан во Кремљ, Путин рече дека мировниот договор е успешно спроведен, „создавајќи ја потребната основа за долгорочна и целосна спогодба за стариот конфликт“.
Мировниот договор на 10 ноември стави крај на 44-дневните борбени дејствија во кои азербејџанската армија ги уништи ерменските сили и ја врати контролата врз големи делови на Нагорно Карабах и околните области.
Нагорно-Карабах се наоѓа во Азербејџан, но беше под контрола на етничките ерменски сили, поддржани од Ерменија, откако таму заврши сепаратистичката војна во 1994 година.
Непријателствата се разгореа кон крајот на септември и азербејџанската војска навлезе длабоко во Нагорно Карабах и околните области, принудувајќи ја Ерменија да се откаже од контролата над значителен дел од Нагорно Карабах и околните области.
Според мировниот договор, Русија распореди околу 2.000 мировници во Нагорно Карабах најмалку пет години.
Мировниот договор беше прославен во Азербејџан како голем триумф, но предизвика негодување и масовни протести во Ерменија, каде илјадници луѓе излегоа на улиците барајќи оставка од Пашинјан. Голем број демонстранти во понеделникот се обидоа да го блокираат автопатот што ја поврзува ерменската престолнина со аеродромот за да го спречат Пашијан да патува за Москва, но полицијата ги растера.
Мировниот договор со посредство на Русија предвидуваше повторно отворање на патиштата за транспорт, вклучително и коридор што ги поврзува Азербејџан и неговата ексклава Нахичиван, што се граничи со Ерменија, Турција и Иран. Ерменија, од своја страна, ќе може да користи транзитни патишта кон Русија и Иран преку територијата на Азербејџан. (АП)