Левица прашува: Дали со булдожер на „Национални шуми“ е пробиван пат до приватно ловиште?


До партијата Левица стигнале  информации за можно незаконско користење на државна механизација, уништување на шумски фонд и оштетување на културно наследство на подрачјето на Општина Демир Хисар.

„Според информациите доставени до Левица, во периодот од 27 до 29 јуни 2026 година, на локалитетот ‘Бели Камен’, во атарот на селото Церово, со употреба на булдожер во сопственост на ЈП ‘Национални шуми’, Подружница ПШС ‘Бигла’ Демир Хисар, бил пробиван шумски пат без соодветна дозвола од надлежните служби. Во информациите што пристигнаа до Левица се наведува дека во овие активности биле инволвирани концесионерот Пеце Тодоровски, како и директорот на Подружницата ПШС ‘Бигла’, Гоце Цветановски, при што постојат сомневања дека државната механизација била ставена во функција на приватен интерес, односно за пробивање пристапен пат до приватна парцела на која се гради ловен објект“, реагира опизициската партија.

Според информациите на Левица, при изведување на работите бил оштетен локалитет со остатоци од средновековна црква и некропола, кои претставуваат значајно сведоштво за историското и духовното наследство на овој крај.

„Доколку се потврди дека со тешка механизација е интервенирано врз ваков локалитет, тоа би претставувало сериозно загрозување на културното наследство и непроценлива штета што не може да се надомести“, забележува Левица.

Од друга страна, посочуваат оттаму, на социјалните мрежи јавно беа објавени фотографии и видеа од профилот на „Safari Hunting”, на кои, како што велат, се гледа пробивање на пат со тешка механизација на локацијата Церово, придружени со пораки дека работите ќе продолжат. Левица затоа бара надлежните институции итно да утврдат дали активностите биле спроведени согласно законските прописи и со сите неопходни одобренија.

„Доколку овие информации се покажат како точни, станува збор за сомневања за злоупотреба на службената положба, незаконско користење на јавни ресурси, пустошење на шуми и уништување на културното наследство“, соопштуваат од Левица.

Левица ги повикува Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Државниот инспекторат за шумарство и Управата за заштита на културното наследство итно да ги испитаат овие наводи, да извршат увид на терен и да ја утврдат целосната фактичка состојба.

„Истовремено, ја повикуваме и управата на ЈП ‘Национални шуми’ јавно да одговори дали службена механизација била користена на наведениот локалитет, врз основа на чија наредба, дали постоела соодветна документација за пробивање на шумскиот пат и дали се води внатрешна постапка за утврдување на евентуална одговорност. Доколку надлежните институции не постапат по овие сериозни наводи, Левица ќе ги искористи сите законски и институционални механизми за утврдување на одговорноста и заштита на јавниот интерес“, стои во реакцијата на Левица.