Левица: Недозволиво е Мицкоски да ја сведува државната реакција на флаширана вода


Болницата „Ферид Мурад“ во Гостивар

Додека илјадници жители на Гостивар се соочуваат со здравствени последици, а водата од градскиот водовод не е безбедна за никаква употреба, Мицкоски настапува како премиер на туѓа држава, реагира Левица околу актуелните случувања.

-Наместо итна мобилизација на сите расположливи капацитети, тој ладнокрвно соопштува дека Владата го завршила својот дел во поглед на нејзината надлежност, по што санацијата ја препушта на локалниот водовод чиј капацитет е причината за настанатата катастрофа. Во ваква состојба не е доволно секоја институција да си го штиклира сопствениот дел од постапката. Од Владата не се очекува да биде набљудувач што ќе констатира кој следен треба да постапува, туку да ја преземе координацијата додека не биде отстранета опасноста. Кога во прашање се животот и здравјето на цел град, формалното разграничување на ингеренциите не може да служи како алиби за политичка пасивност!, оценува Левица. 

Според партијата, обезбедувањето 50 илјади литри флаширана вода никако не е исцрпување на можностите на централната власт.

-Водата во шишиња не ја прочистува загадената мрежа, не ги испира цевководите, не врши дезинфекција и не спречува ново загрозување. Сведувањето на државната реакција на дистрибуција на вода покажува загрижувачка рамнодушност кон сериозноста на проблемот. Наместо Владата веднаш да обезбеди сеопфатна техничка помош, да воспостави непрекинат надзор над прочистувањето и да гарантира дека секоја фаза од санацијата се спроведува стручно, Мицкоски ја префрла тежината врз локалното јавно претпријатие. Притоа, токму неговото работење и можните пропусти треба да бидат предмет на темелна истрага. Не може истиот субјект чии одлуки се преиспитуваат да биде оставен практично сам да управува со отстранувањето на последиците.

Каде е Центарот за управување со кризи во целата состојба? Над илјада заболени лица, сомнение за контаминација на градскиот водовод, забрана за користење на водата и десетици илјади жители изложени на неизвесност очигледно не биле доволни за ЦУК да добие видлива оперативна улога. За какви околности постои оваа институција?

Да беше Гостивар управуван од градоначалник на ДПМНЕ, несомнено ќе гледавме министри, директори, механизација и камери на секој чекор. Владата ќе ја претставуваше секоја интервенција како доказ за сопствената ефикасност. Бидејќи локалната власт не е нивна, Мицкоски се ограничува на делење лекции, префрлање на товарот и собирање евтини политички поени врз маката на гостиварци“, оценуваат од партијата.

Според нив, кај труење од вакви размери не може да се остане само на морална одговорност како што бара Мицкоски, единствено засенет од можностите на ДПМНЕ и нивните интереси.

-Нужна е кривична одговорност за сите инволвирани! Повикот на Мицкоски за морал има тежина колку и неговата доследност – никаква. Истата партија што денес бара одговорност од прв до последен, по трагедијата во Кочани со сите сили ги бранеше сопствените функционери. Тогаш не се повикуваа на морал, не бараа оставки од целиот синџир и никако не признаваа вина за институционалниот крах. Секое барање за одговорност го прогласуваа за некрофилија!

Левица бара неселективна одговорност за Кочани и бара и за Гостивар, затоа што човечкиот живот не ја менува вредноста во зависност од партиската припадност на надлежниот функционер. На граѓаните им е преку глава од препукувањата меѓу политичките структури што со години ги претвораат јавните претпријатија во партиски испостави, ја потиснуваат стручноста и го заменуваат редовното одржување со фушерај. Токму таквото владеење создаде систем во кој опасностите се игнорираат сè додека луѓето не завршат во болница, а потоа сите се обидуваат да докажат дека вината е во туѓ двор, коментира Левица. 

Таа бара од Владата да ги стави во функција сите државни капацитети и да остане целосно вклучена сè додека водата не биде докажано безбедна. Мицкоски, се вели во реакцијата,  не може да ја мери својата обврска според тоа кој управува со општината, ниту да се претставува како заинтересиран премиер додека од дистанца набројува туѓи задолженија.

-Кога се загрозени човечки животи, премиерот не смее да биде коментатор на кризата. Негова должност е да ја мобилизира државата, да го спречи натамошното трпење штета и да обезбеди одговорност без заштитени имиња. Сè друго е партиско миење раце со флаширана вода, порачуваат од Левица.