Левица не се откажува од една изборна единица


Левица не се откажува од барањето за воведување една изборна единица и ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека е одговорна за недонесувањето на новиот Изборен законик во рокот предвиден во рамки на реформската агенда поврзана со Европската унија.

Од партијата тврдат дека власта не била пасивен набљудувач на процесот, туку негов организатор и носител на парламентарното мнозинство. Според Левица, наместо да придонесе за постигнување консензус, ДПМНЕ во завршната фаза вовело услови кои, како што велат, не биле дел од работата на Работната група и со тоа го попречило усвојувањето на Изборниот законик.

Во соопштението се наведува дека ДПМНЕ не било заинтересирано за изборни реформи што би довеле до поголема демократизација на изборниот систем, туку за задржување на постојниот модел. Левица тврди дека една изборна единица и порамноправни изборни услови би значеле поголема политичка конкуренција.

Партијата дополнително оценува дека реформската агенда не останала неисполнета поради Левица, туку поради, како што наведуваат, одлуките на ДПМНЕ да ги стави партиските интереси пред јавниот интерес.

Левица најавува дека и во наредниот период ќе ги користи сите политички, институционални и демократски механизми за повторно да го отвори прашањето за воведување една изборна единица.