Левица ќе бара укинување на Регулаторната комисија и замрзнување на цената на струјата


Левица забележува дека „наместо покачување на платите и животниот стандард, граѓаните од јануари ќе плаќаат повисоки сметки за струја, благодарение на немањето визија од владата предводена од премиер „енергетичар“. Според партијата, Македонија е држава каде енергетскиот сектор е во колапс, откако вчера владата прогласи кризна состојба, а РКЕ донеси одлука за покачување на цената на струјата под, како што велат, диктат на приватниот монопол ЕВН ХОУМ.

-Иако владата на Мицкоски ветуваше дека ќе го укине надоместокот за мрежарина од 200 денари, не само што не го укина, туку факт е дека Македонците плаќаат најскапа струја во регионот. Ова е уште еден доказ дека енергетскиот сектор е поставен да носи сигурен профит за приватниот капитал и дека оваа влада е единствено во служба на енергетската мафија.

Впрочем, и самиот Мицкоски своето богатство го акумулира преку приватни хидроцентрали и сомнителни бизниси во енергетскиот сектор, за кои до ден денес јавноста нема целосно информации. За Левица е очекувано премиер кој потекнува од приватниот енергетски сектор да го брани интересот на бизнис-олигархијата, наместо интересот на мнозинството граѓани,истакнуваат од партијата на Димитар Апасиев.

Дополнително, додаваат оттаму, РКЕ со Бислимовски повторно се докажа дека е „целосно непотребна институција, која само ги аминува барањата на австрискиот капитал“.

-Затоа, Левица ќе бара укинување на оваа регулаторна комисија, која никако не го штити интересот на народот. Наместо таложење милионски профити за австриска ЕВН, Левица бара итно замрзнување на цената на струјата за домаќинствата и преиспитување на одлуката, како и државната ЕСМ продажба да биде постојан законски универзален снабдувач, стои во партиското соопштение.

Според партијата колапсот на ЕСМ не е случаен, туку е резултат на децениска практика на непрофесионално и политички мотивирано управување.

– За само една година под раководство на генералниот  директор Лазо Узунчев  ЕСМ бележи намалено производство на струја за половина, недостаток на основни суровини, зголемени трошоци за производство на електричната енергија и  зголемен интервентен увоз на струја.
Дополнително, по налог на Владата, ЕСМ ја продава струјата на универзалниот снабдувач по цена многу пониска од производствената, и тоа со цел власта да „купува социјален мир“, без притоа таа финансиска загуба да ја покрива од буџетот. Имено, наместо тоа, ЕСМ од страна на Владата се принудува да зема комерцијални кредити со камата, што дополнително ја оптоварува ликвидноста на компанијата. Се поставува прашањето, дали ваквиот начин на работа на ЕСМ е од незнаење или свесно се полнат приватните банки со пари од камати, за подоцна да ја вратат услугата?
 
Нераскинлив дел од проблемот се и ПАРТИСКИ назначените раководители, кои немаат доволно професионално искуство, како и непотизмот кој владее во компанијата. Ова не е појава од сега, туку трае повеќе од 30 години, независно која партија е на власт, ЕСМ се менаџира според истите системски слабости:
-Производство што не се прилагодува на реалните потреби на пазарот;
Скап увоз на струја;
-Репакување на показатели за „успех“ без контекст на моменталната енергетска потреба;
Финансиска експозиција преку кредити и камати, наместо транспарентно субвенционирање од државата,  реагира во објава Левица. 
 
Струјата поскапува од јануари, од 2,45 проценти во првиот тарифен блок до 3,84 проценти во четвртиот. Есапот на РКЕ покажува – за оние кои најмалку трошат, сметките во просек ќе се зголемат за 57 денари месечно. Во првиот блок се 85% од граѓаните. За оние кои трошат најмногу и се во четвртиот блок, сметките ќе пораснат и до 900 денари. Но, поскапува и евтината струја за 2,5 проценти.