Леви: Ненаучената лекција од Втората светска војна жнее жртви во Украина, Блискиот и Среден Исток

Во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје денеска беа одбележани 80 години од Јом Хашоа


Одбележани 80 години од востанието во Варшавското гето (Фото: Б. Грданоски)

Во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје денеска беа одбележани 80 години од Јом Хашоа – Национален комеморативен ден во Израел посветен на херојството на заробениците во Варшавското гето кои се побуниле против нацистичкиот терор кревајќи востание на 19 април 1943 (27 нисан 5783 по еврејскиот календар). Беше отворена и изложба на ликовни дела од ученици од основни училишта која се организира по 11-ти пат по повод овој ден.

Кнесетот на Израел во 1951 година овој датум од историјата го утврдил како Национален ден на сеќавање на холокаустот и на шест милиони Евреи убиени од нацистите и оттогаш во Израел и во сите земји каде што има еврејски заедници се одржува комеморацијата Јом Хашоа.


Ден на Холокаустот (Фото: Б. Грданоски)

Претседателот на Еврејската заедница во Македонија, Пепо Леви, истакна дека на 19 април 1943 година Евреите од Варшавското гето одлучиле да изберат начин на кој сакаат да отидат во смрт. Како што рече, билансот на востанието е катастрофален – 56 илјади Евреи се директни жртви на востанието, а од Варшавското гето, од неговото основање на 12 октомври 1940, во логорите на смртта завршиле околу 400 илјади недолжни Евреи.

– Во срцето на окупирана Европа, две востанички групи на Евреи со околу 700 борци предводени од 24-годишниот Мордехај Хаим Анилевиц повеќе од три недели се бореле со нацистичката Германија. СС-крвниците во текот на востанието убиле над 7000 жители на гетото, околу седум илјади Евреи депортирале во Треблинка, а 42 000 преживеани Евреи од Варшавското востание завршиле во Мајданек и Лублинка. Борците на Варшавското гето извршиле колективно самоубиство. На 16 мај 1943 нацистичкиот генерал Строп, именуван за оваа операција лично од Хајнрих Химлер, објави дека востанието во Варшавското гето е задушено. Тој ја прослави својата крвава победа со уништување на големата синагога во Варшава која беше надвор од ѕидовите на гетото. Денес Државата Израел е тажна. Им оддава почит на недолжните шест милиони Евреи. Тука е и Република Северна Македонија, која рамо до рамо со целиот прогресивен свет им оддава почит и на своите 7144 Евреи, жртви на нацизмот, депортирани во логорот на смртта во Треблинка – рече Леви.

Тој посочи и на денешните воени конфликти во светот, Украина и Блискиот и Среден  Исток,  каде што има, како што рече, илјадници невини жртви, раселени лица и уништени детски животи.

Одбележани 80 години од востанието во Варшавското гето
(Фото: Б. Грданоски)

– Тоа е билансот на ненаучената лекција од Втората светска војна, рече Леви и додаде дека во срцето на Европа, но и во нашата земја „чести се случувањата на оживување на нацизмот, глорификација на фашизмот и нацистичките колаборатори на Балканот“.

Леви порача дека модерна Европа и целиот напреден свет не смее да дозволи преправање на историјата со што, како што рече, се создава плодна почва за развивање и ширење на нацистичките идеи.

– Не смееме да ја заборавиме Втората светска војна која однесе околу 55 милиони човечки животи, од кои околу шест милиони Евреи. А глорифицирање на докажани фашисти и искривување на историјата повторно нѐ водат во судири од катастрофални размери. Нацизмот и нацистичките идеи се препознатливи и треба да се уништат веднаш по нивното препознавање. Не смее да им се дозволи да се кријат зад демократија и евентуални нарушувања на човековите права и слободи – истакна претседателот Еврејската заедница во земјава.

Ана Босилкова, членка на Еврејската заедница, ги запали шесте меморијални свеќи по повод Јом Хашоа, а Самуел Садикарио кажа кадиш за сите настрадани  Евреи.

Ден на Холокаустот (Фото: Б. Грданоски)

Беше отворена и изложба „7144 згаснати ѕвезди во холокаутот“ од ликовни творби на ученици од основни училишта кои учествуваа на наградниот конкурс „Холокаустот низ призмата на детските очи“, распишан од Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија и Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија.

Наградените се осмоодделенци – првото место го освои Немања Јорданов од  ОУ „Кирил и Методиј“ во скопско Стајковци. Од ова училиште е и третонаградената Јана Величковска, а втората награда ја добија четири ученички од ОУ „Димитар Влахов“ од Штип – Ева Гуњова, Ива Калафова, Надица Пирова и Ана Марија Андова.

На годинашниот конкурс пристигнале 103 ликовни творби од основци, а 60 од нив се прикажани на изложбата отворена во Меморијалниот центар на холокаустот.