„Лет 3“ ќе пее за Хрватска на Евросонг- осуди и шок од настапот на „Дора“


Хрватска– Од тантела до бомби и мустаќи како Хитлер, евровизиската песна на Хрватска е една од најскандалозните кои ќе ги видиме на Евровизија 2023. „Посакувам Хрватска да има 0 поени на Евровизија“, е само еден од осудувачките коментари.

Хрватската група Лет 3 ќе ја претставува Хрватска на Евровизија со песната „Mama ŠČ!“, откако победија на 3-часовното музичко шоу „Дора“, кое се одржа традиционално по 24-ти пат.

Членовите на бендот, кои станаа хит на социјалните мрежи, по победата велат:

„Каков ефект и одек постигнавме кај публиката не ни се верува. Ѝ благодариме на публиката, одговорноста е голема.“

Нашминкани и со воени униформи, со историски мотиви, чудни написи и комплетно скандалозен настап, тие очигледно се одлучни годинава да остават впечаток и да се зборува за Хрватска на Евровизија.

Лет 3 е рок бенд од Риека, формиран во 1987 година, со оригинален пристап кон рок музиката и впечатливи сценски изведби.

Нивните песни често содржат провокативни и вулгарни стихови, а познати се и по голотијата на настапите.