Лентата била многу мала, немало место за Македонија: Сиљановска за венецот во Рим
Советниците во кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и самата таа разговарле што требало да пишува на венецот што таа го положи во црквата „Санта Марија Маџоре“ пред спомен-плочата на македонски јазик во чест на делото на светите браќа Кирил и Методија. Како резултат на овие дискусии останало само нејзиното име. Затоа што лентата била мала и немало место за зборот Македонија. Таа мислела дека можело да стои РС Македонија.
„Тие лентите не се многу големи. Разговаравме во Кабинетот и имавме различни мислења меѓу себе. Јас имав мислење дека може да биде и РС Македонија, на пример, но некако на крајот рековме дека можеби и јас како на чело на делегацијата, дека би можело и ова да биде некое решение. Знам дека може да има забелешки. Ги разбирам многу нив и ги разбирам дел од нив бидејќи Македонија ја претставуваме“, изјави денеска Сиљановска за реакциите во јавноста за венецот на кој не го пишуваше името на државата.
Но фотографиите од настанот покажуваат сосема друго. Лентата е доволно голема, на нејзините краеви има забележителни апликации на македонското знаме и има доволно простор да се напише името на државата.
Таа уште додаде дека не гледа никаков проблем што било изоставено името на државата и стоело само нејзиното:
„После мојот говор и избегнувањето на говорницата на официјалното име на државата и определувањето за Македонија врз правото за самоопределување, се одлучивме за ова решение. Не мислам дека тоа е некаков проблем, ниту негирање на државата, ниту Македонија. Се знае кои сме и ние и која е делегацијата“, кажа Сиљановска во изјава за медиумите.
Претеседателката рече непраќањето на писмото од Стејт департментот со честитка за нејзиниот избор била „нивна одлука“.