Лекот со коктел од антитела на „АстраЗенека“ не успева да штити од корона вирусот
Клиничко испитување на терапија со антитела против Ковид-19, развиена од британската фармацевтска компанија „АстраЗенека“, донесе негативни резултати, објави компанијата во вторникот.
AZD7442 – комбинација на две различни моноклонални антитела – не постигна статистички значително намалување на ризикот од симптоматски Ковид-19 по изложувањето на вирусот, со што пропАДНА примарната цел на студијата.
Во клиничкото испитување учествувале 1.121 невакцинирани учесници кои биле изложени претходните осум дена на некој што бил позитивен на Ковид-19. На двајца од тројца учесници им биле дадени антитела, а на останатите им е даден плацебо.
Конечниот резултат покажа 23 случаи на Ковид-19 со симптоми во делот на студијата со AZD7442 и 17 случаи во плацебо делот.
Фармацевтската компанија забележа дека лекот постигна 33% намалување на ризикот од развој на симптоматска инфекција, но дека тоа не е доволно за да се исполни прагот на клиничко значење.
Анализата на податоците сугерира дека во случаи кога немало претходна изложеност, „AZD7442 го намали ризикот од развој на симптоматски Ковид-19 за 73 проценти“.
Претходно се покажа дека третманите со моноклонални антитела, кои ја имитираат природната одбрана на телото од вируси, успешно лекуваат со Ковид-19 кај веќе заразени лица, а Европската комисија потпиша договори за третман со антитела против корона вирусот.