Лекарите задоволни од резултатите од персонализираната вакцина против меланом што ја намали смртноста

Резултатите на Светскиот фонд за истражување на ракот за 2020 година покажуваат дека повеќе од 150.000 луѓе ширум светот заболуваат од меланом секоја година. Сепак, првата персонализирана мРНК вакцина против рак на кожа во светот го намали за половина ризикот од смрт на пациенти или болеста да се врати.
Пациентите кои ја примиле вакцината по отстранувањето на меланомот во стадиум 3 или 4 имале 49 отсто помал ризик од смрт или враќање на болеста по три години, покажуваат податоците презентирани на најголемата светска конференција за рак.
Примарниот истражувач на студијата, онкологот Џорџина Лонг, рече дека просечниот ризик од повторување по операцијата за групата пациенти со напреднат карцином е 50 проценти.
„Охрабрени сме од најновите резултати. Овие наоди ја зајакнуваат нашата посветеност за унапредување на овој иновативен третман“, рече Кајл Холен, шеф за развој, терапевтика и онкологија на Модерна.
Позната како mRNA-4157 (V940), вакцината е специјално направена за секој пациент и му кажува на неговото тело да ги убие сите преостанати клетки на ракот и да го спречи враќањето на болеста.
За време на операцијата на пациентот се отстранува примерок од тумор, по што следи секвенционирање на ДНК и употреба на вештачка интелигенција.
Професорот Чарлс Свантон, главен клиничар во истражувањето за рак во Велика Британија, рече дека резултатите од испитувањето за меланом биле „исклучително импресивни“.