Леди Гага од Капитол испрати порака за надеж


САД- Поп-ѕвездата Леди Гага објави симболична фотографија од американскиот Капитол Хил . Облечена во бела наметка и соодветна маска, Гага објави фотографија на Твитер со натпис како се моли за „мир за сите Американци“.

Гага, денес на инаугурацијата на новиот претседател Џо Бајден во Вашингтон, на скалите на Капитол Хил, ќе ја испее националната химна. 

„Се молам утре да биде ден на мирот за сите Американци“, напиша таа.

„Ден за љубов, а не за омраза. Ден за прифаќање, а не страв. Ден за сонување на нашата идна радост како земја. Сон кој е ненасилен, сон што обезбедува сигурност за нашите души. Љубов, од Капитол “.

Бајден и потпретседателката Камала Харис ќе положат заклетва во 12:00 часот, потоа претседателот ќе го одржи својот инаугуративен говор во кој треба да ја потврди својата визија за желбата да се победи пандемијата, подобро да се реконструира, обедини и да се лекува нацијата, според организацискиот комитет.

Во раните попладневни часови, Бајден ќе замине на Националните гробишта во Арлингтон близу Вашингтон за да положи венец на гробот на Незнајниот херој заедно со поранешните американски претседатели Барак Обама, Џорџ В. Буш и Бил Клинтон и нивните сопруги. Тој ќе се врати со конвој во Вашингтон.

Конвојот треба да запре на неколку десетици метри од Белата куќа за да му се дозволи на Бајден да влезе пеш опкружен со воена придружба. Тој таму ќе ги потпише првите претседателски укази попладнето.

Вечерва по локално време Бајден и Камала Харис ќе и се обратат на нацијата за време на специјалното шоу на кое домаќин е актерот Том Хенкс. Специјалната емисија „Celebrating America“ ќе се емитува од 20.30 до 22.00 часот по локално  време на каналите ABC, CBS, NBC, CNN и MSNBC, како и на YouTube.

Меѓу гостите на Хенкс ќе бидат Џенифер Лопез, Џон Бон Џови, Џастин Тимберлејк, Деми Ловато и Гарт Брукс.