„Ламборџини“ ја скрати работната недела, а ќе се заработува повеќе


Одлично е да се работи во „Ламборџини“, и штотуку стана уште подобро. Покрај тоа што имаат одлични услови за работа, повеќе од пристојни примања и бројни бенефиции, сега имаат уште еден бенефит за кој работниците во Хрватска можат само да сонуваат.

Производствените работници во Lamborghini штотуку добија уште една поволност. Освен што имаат можност да склопат еден од најатрактивните автомобили во светот, работниците во фабриката во Сант Агата имаат и четиридневна работна недела.

Технички гледано, работниците на Lamborghini во двојни смени ќе менуваат четиридневна и петдневна работна недела, но резултатот е дека тие ќе работат 22 дена помалку секоја година, пишува Reuters. Уште подобри услови важат за работниците кои работат во три смени. Оние со ноќни смени ќе имаат две недели со ден помалку за секоја „нормална“ работна недела, а ќе работат 31 ден помалку годишно.

И секој ќе заработи повеќе. Бонусите се зголемени за 50 отсто, а во декември ќе добијат дополнителен бонус од 1.000 евра. Сето ова доаѓа како резултат на преговорите меѓу синдикатите и работодавачите кои овој договор го нарекоа историски. Имено, ова е прв случај работниците во автомобилската индустрија да работат помалку и да земаат поголема плата за тоа.

Поддршката за пократки работни недели порасна во последниве години, со студии во други европски земји кои покажуваат дека работниците на кои им било дадено повеќе слободно време биле попродуктивни во текот на работното време, имале тенденција да останат на работа подолго и имале помала веројатност да користат боледување.