Кузевски: И медиумите треба да имаат офицери за заштита на лични податоци
Со новиот Закон за заштита на лични податоци, институциите и фирмите треба да назначат офицер за заштита на личните податоци.
– За да го усогласисме нашето законодавство во делот на заштитата на лични податоци со европската легислатива потребни беа Законот за заштита на лични податоци, што започна да се применува денеска, ратификација на Протоколот 223 од Конвенцијата 108 и транспонирањето на Полициската директива, што веќе е завршено и законот е испратен до Собранието. Она што беше препорака на ЕУ минатата година ние сме го исполниле, изјави денеска заменик-директорот на Агенцијата за заштита на лични податоци (АЗЛП) Игор Кузевски на обуката за новинари што ја организираа Медиумската Информативна Агенција и АЗЛП во рамки на Школата за новинарство на МИА.
-Законот почна да се применува, Собранието го ратификуваше Протоколот 223 и го изработивме текстот на законот во кој се транспонира Полициската директива. Законот е формално завршен и поминат на Влада пред две до три недела и е доставен до Собранието и она што чекаме е Собранието да го насочи и да го усвои тој закон. Тоа е закон со европско знаменце бидејќи со него ја транспонираме ЕУ Полициската директива. По усвојувањето на тој закон може да кажеме дека како држава мозаикот сме го завршиле, но нормативно. Тогаш ни почнува вистинската работа, не само на институциите бидејќи Законот за транспонирање на полициската регулатива ќе биде лекс генералис или Устав за обработка на податоци за сите органи на прогонот коишто ќе треба другите закони да ги усогласуваат со овој закон, рече Кузевски.
Дали медиумите треба да имаат офицери за заштита на лични податоци, дали е законита мерката за проверка на сертификатите за вакцинација од редари во угостителски објекти, како да се постапи кога лице се жали дека го има на видео материјал снимен на јавно место или на јавни настани… се дел од прашањата што беа упатени до предавачите на обуката.
– Обврската за определување на офицери за заштита на лични податоци не е нова и постои уште од 2010 година со стариот закон. Ние имаме голема база на регистрирани офицери за заштита на лични податоци и она што е поважно и обучени офицери за заштита на лични податоци. Обврската продолжува и со новиот закон, дополнително нагласена од аспект на зајакнување на статусот на офицерот за заштита на лични податоци. Офицерот за заштита на лични податоци медиумските куќи ќе треба да го имаат определено, затоа што од сознанијата што ние ги имаме вие (медиумите) обработувате податоци за ваши вработени, податоци од сите кога споделувате информации од дејноста за која постоите, кога правите пример интервјуа, и во тој контекст обработувате многу податоци и тоа е по дефиниција потпаѓа под податоци под голем обем во тој случај треба да имате определено офицер, истакна заменик-директорот на АЗЛП.
Во однос на увидот во сертификатите за вакцинација од редари во угостителските објекти, Кузевски посочи дека АЗЛП веќе излегла со соопштение, но оти исто така конкретно за ова направени се консултации со германските и со хрватските искуства и дополнително со други органи за заштита на лични податоци во рамки на ЕУ.
– Самата визуелна проверка без собирање на податоци не потпаѓа под режимот на Законот за заштита на личните податоци бидејќи таквата проверка не потпаѓа под дефиницијата на обработка на лични податоци. И нашето соопштение беше во тој контекст, рече Кузевски.
Како што посочи, во член од Законот за приватно обезбедување сите кои се вработени во агенции за обезбедување имаат право исто како и полицајците да легитимираат, вклучително и да земаат лична карта на увид па дури и привремено да ја задржуваат.
Во рамки на Школата за новинарство, МИА и Агенцијата за заштита на личните податоци организираа обука за новинари за заштита на лични податоци, со посебен фокус на новиот Закон за заштита на личните податоци, кој стапи во сила вчера. На обуката учествуваа новинари од различни медиуми во земјата.
Школата за новинарство на МИА започна да функционира во февруари минатата година со физичко присуство, но поради пандемијата со Ковид-19 сега продолжува да се одржува онлајн.