Курти: Белград гледа низ националистичко-шовинистички очила на реалноста


Премиерот на Косово, Албин Курти, им порача на српските политичари дека на реалноста гледаат со погрешни очила опишувајќи ги како националистичко-шовинистички.

Тој тврдеше дека акцијата, која за малку ќе испровоцираше вооружен судир меѓу Србија и Косово, била сосема „обична и нормална“ полициска акција  насочена против организираниот криминал и се одвивала во четири општини. Според него, и тие што ја наредиле акцијата, и тие што се уапсени се од различни националности , а Белград е тој што се обидува да ја исполитизира. 

-Оваа акција нема ништо со националноста туку со организираниот криминал, порача Курти, кој денес е еден од учесниците на самитот на „Економист“ во Скопје. Тој наедно ја искористи приликата да оцени дека Србија е земја со висока корупција, но како што рече, тоа е нивен проблем, а тој како премиер е решен да спроведе владеење на правото, добрососедски односи и европски вредности во Косово. 

Околу другата криза, со таблиците, Курти рече дека се нашло решение и Србија, која со години ги симнувала табличките на автомобилите што доаѓале од Косово, сега става налепници на нив, како што го правеше практично Грција со таблиците на Македонија. 

-Косово не е извор на дестабилизација кога и да делува нашата полиција, порача Курти од Скопје.