„Кроација рекордс“ го реиздаде албумот со песни од Блаже Конески снимен пред 40 години


Најголемата дискографска куќа во регионот „Кроација рекордс“ од Загреб го реиздаде албумот со песни од Блаже Конески, што оригинално беше снимен во 1981 година. Албумот „Проста и строга македонска песна“ претставува избор на песни од Конески, што ги рецитира Цветанка Трпкова, во пијано придружба на Љубомир Бранѓолица.

„Ова е година на големи јубилеи за Македонија. Државата слави 30 години независност и се одбележуваат 100 години од раѓањето на Конески. Кога на тоа ќе се додаде дека и албумот излезе пред точно четири децении, имавме многу добри поводи за негово повторно објавување на цеде токму оваа година“, изјави денес на прес-конференција во Скопје, музичкиот уредник во „Кроација рекордс“, Никола Кнежевиќ.

Албумот треба да биде објавен во пресрет на 8 септември, а цедето ќе биде поврзано со четири настани во август и во септември, два во Скопје, еден од Струга и еден настан во Прилеп, појасни денес на пресот, Иван Бечковиќ, супервизор на „Кроација рекордс“ во Македонија. 

Вчера и денес во Скопје беа организирирани „Денови на Кроација рекордс“ во Македонија во чии рамки се одржа македонската премиера на филмот „Нов бран – 40 години подоцна“ („Novi val – 40 godina nakon“) и претставена актуелната винилна програма на оваа издавачка куќа – винилите од „Нови вал“, „Индекси – Модра ријека“…, како и компакт-дискот „Зафир пјева, Македонија пјева“, објавен лани за „Југотон Croatia Records“, но, поради короната не можеше да и биде претставен на јавноста.