Кризата во сточарството е потешка од онаа со „Сведмилк“: Очајот ги однесе сточарите на протест

Сточниот фонд во Битолско е намален за 60 отсто. Така е и во другите делови на Македонија. Сточарите се жалат дека државата нема интерес да им помогне


Протест на земјоделците пред подрачната едници во Битола. За дваесетина дена најавуваат голем собир во Скопје

 

БИТОЛА – Во голема криза е македонското сточарство и не е проблемот само во неисплатените субвенции и премијата на млекото, туку во распродажбата на сточниот фонд и немањето пласман за стоката и млекото.

Со силни критики кон власта и политичарите за моменталната состојба во сточарството настапија денеска сточарите од Пелагонија на протестот што се одржа пред зградата на подрачната единица за земјоделие во Битола.

Сточарите протестираа за неисплатените субвенции по грло крава и коза за 2025 година, за неиплатената премија за млекото за последните 12 месеци, за немањето откуп на јагнето и јарето, за прекинатиот откуп на козјото и овчкото млеко, за скапотијата на репроматеријали и сточна храна…

Кога сточарите ја споредуваат моменталната ситуација и криза во која се наоѓаат со ситуации во минатото велат дека кризата е поголема дури и од аферата „Сведмилк“ кога парите им пропаднаа за предаденото млеко поради финансиски скандали на големата македонско-шведска инвестиција за млеко и млечни производи, по што се создаде длабока криза во домашното сточарство.

„Со ваков проблем сточарите последно се соочија кога беше шведската млекара ‘Сведмилк“, кога се формира млекарата за да ги ограби сточарите. Оваа сега е поголема криза оти е криза за репроматреијали, гориво, ѓубрива што се рефлектира и кај нас од светската криза со војните. Плус, цената на млекото прва класа е од 24 до 26 денари и сите сме со страв дали утре ќе ни го земат млекарниците. За неполни шест до осум месеци цената на суровото млеко падна за 8 денари, беше 32 денари литар. Премијата за кравјото млеко е шест денари, ама што фајде кога не се редовни тие пари. Министерот премијата за млекото ми ја смета во производна цена, но тоа не е така. Премијата е за да нѐ поттикне да купуваме јуници и да продолжиме со сточарството, а не за да ја покрие дел од загубата“, рече Тони Петковски, сточар од Велушина, претседател на здружението „Пелагонско поле“.

Сточарите бараа од премиерот Христијан Мицкоски млекото да биде стратешки производ со заштитена цена – „Владата да формира цена, а не да си играат мајтап еден куп млекарници“, рекоа сточарите.

Сточарите велат дека работат и живеат на вересија. Бидејќи субвенциите не им се исплаќаат на време се задолжуваат кај ветеринарите, продавачите на сточна храна и репроматреијали за да ги обезбедат фармите со храна, во спротивно ќе мора се да распродадат.

„Сточниот фонд во Пелагонија, а и во државата е намален за околу 60 проценти од минатите години, има најава од сточари за брзо време да ги продадат над 200 грла крави од битолско. Луѓето добија виза и си одат за Австралија. Други сточари од моето здружение велат ќе ги продадам кравите ќе барам работа, ние сме возрасни и нема каде да одиме“, вели сточарот Петковски.   

На неисплатени субвенции за 2025 година, неисплатена премија за млекото и немање на откуп на јарето и козјото млеко се пожалија и одледувачите на кози.

Козарите велат дека во Пелагонија останале околу 4 одгледувачи на кози, што е поразително како бројка.

„Чувам 120 кози, нема пари за субвенции за козите, нема пласман на млекото и на јарето. Во моето село се продадоа 300 кози. Тука во Битола го дававме млекото во млекарница, ни откажаа откуп и сега само сирење правиме, а тоа не се продава. Што ќе правиме, не знам, дневно вадам по 150 литри млеко, каде да го носам? Дома во моментот имам 50 канти козјо сирење и нема каде да го продадам, не оди ни по цена од 400 денари за кг. Што да правам со 60 јариње кога немам откуп? Државата ми должи на име на субвенции 5.500 евра. Како да ја хранам јас фамилијата со сточарство, како да продолжам со стоката?“, рече Рамиз Шилевиќ од Десово на протестот во Битола.

Живко Каровски сточар од Драгожани вели дека самите млекари ги предупредиле дека годинава ќе нема откуп на козјо млеко и наводно им рекле да ги продадат козите.

„Немаме пласман немаме на козјото млеко, раководител од ‘Идеал шипка’ најави – ‘Снаоѓајте се продавајте ги козите, годинава ќе нема откуп на козјо млеко’. Многу луѓе ги продадоа козите. Пласменот на јарето е катастрофа, ниту некој купува ниту пак бара јаре. Нема ниту од државата откуп за јарето. Имам 80 кози и ситуација е алармантна, во секој момент чекам да најдам муштерија и ќе ги продадам. Имам лиценца за обезбедување и ќе барам таква работа. Шталата ја затворам не ми треба веќе, во цела Пелагонија сме четворица козари“, рече сточарот Каровски од Драгожани.

Субвенциите по грло овца се исплатени во пролетта, но дел од одгледувачите на овци беа присутни на денешниот протест во Битола за поддршка на сточарството. Одгледувачите на овци се жалат дека имаат проблем со откупот на јагнето, велат нема пласман, нема ни цена. Килограм јагне жива мера падна на 200 денари.

„365 дена ист број чизми носите сите сточари. Ние ги зедовме субвенции по грло овца, но може да ни се повтори 2024 година кога не ги зедовме субвенциите оти не можевме да ги исполниме условите на државата. Сега ни велат 30 посто од јагнињата да се даде на откуп во регистриран кланичен капацитет, а откуп нема, значи не ги исполнуваме условите за субвенции. Ни бараат 500 литри млеко годишно за да земеме премија, ако сточарот дневно вади по 10 до 15 литри млеко, нема млекара што ќе оди до селото да го откупи  млекото. Значи пак не го исполнуваме условот за субвенција“, рече Горан Ризоски од село Ивањевци, одгледувач на овци.

Сточарите најавија дека ако не им бидат исплатени субвенциите и премијата за дваесеттина дена ќе протестираат во Скопје. Воедно бараа нови и рационални услови за аплицирање за субвенции .

„Денес сме тука да го известиме премиерот за состојбата, но со смената на министерот бараме средба уште во првата недела од неговото назначување за да разговараме сточарството, да се исплати субвенцијата. Ако не се исплатат парите одиме на голем протест во Скопје, сите сточари од државата“, најави сточарот Борче Бучински од Пелагонија.