Кризата удира најсилно каде што е „најтенко“ – кај најранливите и кај децата

При креирањето на мерките за намалување на кризата со храна и енергија пред се треба да се мисли на децата


Фото: Б. Грданоски

 

Нови 4 илјади лица годинава се проценува дека ќе го прејдат прагот на сиромаштијата кој поради енергетската криза и високите цени на храната е се понизок и турка се повеќе луѓе во безизлезна ситуација. Ова е дополнителна бројка која се надоврзува на онаа од минатата година кога според процените околу 13 илјади лица станале сиромашни како последица на кризата, меѓу нив и 5 илјади деца. Состојбите би биле уште полоши доколку изостанаа пакетите помош кои ги обезбедуваше државата за поддршка на доходите на најранливите и со замрзнување на цените или маржите кај одредени прехранбени производи и субвенциите за електричната енергија и парното.

Податоците се немилосрдни – за две години бројот на сиромашни ќе се зголеми за 17 илјади лица, повеќе отколку што имаат жители на пример Струга или Радовиш. Или, ако се земат во предвид податоците за минатата година, колку што има жители Неготино.

И пред кризата бројот на сиромашни не беше мал, но сепак имаше тренд на намалување, но пандемијата, растот на цените на енергијата и на храната ги сврте сказалките назад. Мерките кои беа преземени, го ублажија, но не го решија проблемот. Експертите велат, потребно е да се продолжи со постојните мерки, некои треба да се прошират, но и да се креираат нови кои ќе бидат насочени кон оние на кои помошта има најпотребна, како и да се напуштат линеарните мерки кои ги помагаат и оние категории население кои можат без поддршка од државата да ја пребродат кризата без поголеми последици врз животниот стандард.

Северна Македонија е на 12 место во Европа според годишната инфлација на цените на храната, покажуваат податоците кои деновиве беа објавени во медиумите, а кои го споредуваат порастот на трошоците со прехранбените производи во март оваа година.

Сепак, вистинска слика за она што се случуваше во изминатиот период кај нас во однос на енергетската сиромаштија и сиромаштијата со храна, дава студијата „Ефектите од кризата со храна и енергија врз децата и семејствата во Северна Македонија“, изработена од економскиот институт „Фајнанс тинк“ (Finance Think) во соработка со Канцеларијата на УНИЦЕФ во Скопје, а која беше презентирана неодамна.

Анализата посочува дека околу 33.000 лица, од кои 10.000 деца, се втурнати под прагот на сиромаштијата заради кризата со храна и енергија, како и дека секое трето дете доживеало прехранбена сиромаштија во 2022 година, што е за 9 процентни поени повеќе во споредба со ситуацијата пред кризата. Состојбата е полоша кај семејствата со три или повеќе деца. Четириесет и четири отсто од нив страдаат од прехранбена сиромаштија.

„Кризата продолжува и таа не е завршена. Ќе биде присутна и во текот на 2023 година, иако со помал интензитет како резултат на благата стабилизација во сегментот на цените и одредено компензирање што ќе го придонесе за пораст на номиналниот доход, поради порастот на минималната плата, усогласувањето на пензиите, на социјалните помоши и тн“, вели универзитетскиот професор Марјан Петрески, еден од изготвувачите на студијата.

Најзагрозени се децата

Кризата е на сцена и иако е со намален интензитет, во кумулативна смисла бројот на сиромашни ќе продолжи да се зголемува, иако во споредба со лани, процената за годинава е за повеќе од 50 отсто помала.

„Ефектот од кризата е посилен врз децата отколку кај останатите популациски групи. Во студијата идентификуваме дека децата се дополнително ранливи на пример кога тие се наоѓаат во домаќинства со повеќе од три деца и во домаќинства каде што нивото на образование на родителите е пониско. Ова е битно за да може соодветно да се таргетираат интервенциите на политиките“, вели Петрески.

Владините мерки кои што ги таргетираат цените и мерките кои што директно го таргетираат доходот на домаќинствата ублажиле 30 до 60 проценти од ударот на кризата, зависно кој индикатор се зема во предвид и која популациска група.

„Овој ефект не е мал. Негативната страна е што најголем дел од мерките беа линеарни, што значи дека во услови на тесен фискален простор и фискален простор кој дополнително се стеснува, таа линеарна компонента мора дополнително да се намалува. Има потреба за понатамошни мерки, меѓутоа мерки кои што ќе бидат стриктно таргетирани“, вели професорот Петрески.

Поради постојаниот раст на цените лани, кои достигнаа највисоко ниво досега, најмногу се засегнати децата и најранливите семејства, вели претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ди Џовани.

Патриција ди Џовани: Најмногу се засегнати децата и најранливите семејства

Анализата покажува дека лани во споредба со 2021 година, општото ниво на цените беше повисоко за 14,2 отсто, но во истиот период цените на храната беа повисоки за 22,7 отсто, а кај некои видови производи зголемувањето беше дури 36 проценти.

„Овој ценовен шок најмногу ги засега семејствата со три и повеќе деца и оние со ниски примања бидејќи најголем дел од семејниот буџет го трошат за храна“, вели Ди Џовани посочувајќи дека продолжувањето на ценовната криза ќе предизвика дополнителни 20 илјади луѓе да бидат на работ на сиромаштијата, од кои 5.000 деца. Тоа значи дека 10 илјади деца ќе бидат во сиромаштија.

Колку што е кризата посилна и подолга, толку повеќе втурнува луѓе под прагот на сиромаштијата. Последиците, за жал, не се распределени сразмерно со економската моќ, туку спротивното. Ударот е најсилен онаму каде што е „најтенко“, кај најранливите категории, кај многудетните семејства со ниски приходи и особено кај децата. Иако се чини дека пикот на кризата е зад нас, економистите се претпазливи и предупредуваат дека сиромаштијата и натаму им се заканува на многу семејства и поединци, но дека мерките преземени од државата придонеле состојбата да не биде уште полоша.

Студијата е особено значајна бидејќи е прва кај нас која што прави подетална проценка на ефектите од кризата со храна и енергија врз индикатори за благосостојбата на домаќинствата со фокус врз децата.

Како што посочува Петрески она што го видовме во 2022 година, иако ефектот започна уште во средината на 2021, беше значајно забрзување на цените.

Зошто е тоа битно?

„Затоа што цените влијаат врз реалниот доход, односно на куповната моќ на населението. Во еден поширок временски период кој што почнува од 2010 година ние се навикнавме на ниски цени кои што во просек растеа не повеќе од два проценти годишно. Сега наеднаш од крајот на 2021 година имаме забрзување на ценовното ниво, забрзување на стапката на инфлација до нивоа кои што достигнаа над 19 проценти во ноември 2022 година и целата година се заврши со 14,2 отсто“, вели Петрески.

За среќа тој ефект сега пополека попушта, па на месечно ниво имаме стабилизирање на тие стапки.

Растот под потенцијалите на економијата

Покрај реалниот доход беше афектиран и номиналниот доход. Ако пред руската агресија врз Украина беше проектиран реален раст на БДП од 4 проценти, тој во текот на минатата година беше ревидиран надолу, односно годината ја завршивме со економски раст од 2,1 отсто. Очекувањата беа дека во 2023 година растот на БДП ќе изнесува околу 2,5 отсто, но во последниот извештај на Меѓународниот монетарен фонд „Светскиот економски преглед“, таквите очекувања се ревидирани надолу, на (пре)скромни 1,4 отсто, а притоа инфлацијата се очекува и натаму да биде висока и да достигне 9,2 отсто во 2023 година.

Овој раст е многу под потенцијалите на македонската економија кои се проценуваат на нешто над четири отсто.

„Еден дел од мерките влијаеа врз цените, значи го адресираат реалниот доход, беа замрзнати дел од цените и на маржите, потоа се намалија индиректните даноци и директно беа субвенционирани одредени цени, главно на струјата и парното греење, додека друг сегмент од мерките влијаеа директно врз номиналниот доход, тоа се директните парични помоши на одредени сегменти од популацијата, значи поранливите категории и пензионерите“, вели Петрески.

Меѓутоа само дел од нив беа целни, што значи директно ја адресираа одредена популациона група, додека останатите беа линеарни, односно се однесуваа на целокупното население.

Тоа е важно затоа што кризата не ги погоди сите подеднакво, Одредени сегменти од популацијата повеќе го чувствуваат товарот на кризата.

„Тоа се пониско доходовните домаќинства и повеќедетните домаќинства кои што и пред оваа криза знаеме дека беа повеќе изложени од ризикот на сиромаштија, понатаму децата кои што исто така пред оваа криза, дури и пред пандемиската криза се соочуваа со повисока стапка на сиромаштија споредено со останатите сегменти, како и жените кои што се соочуваа со повисока стапка на неактивност на пазарот на трудот, што значи помал прилив на пазарен доход и поголем товар од неплатената семејна работа кој што посебно дојде до израз во текот на пандемијата“, вели Петрески.

Марјан Петрески: Кризата продолжува и таа не е завршена

Карактеристично е дека пониско доходовните домаќинства трошат поголем дел од својот буџет за храна, во релативна смисла трошат некаде околу 50 проценти. Како што се оди кон највисоко доходовниот квинтил, тој процент се намалува некаде на 34 отсто.

Од друга страна, поинаку е кај потрошувачката на енергенти, односно домувањето, вода, струја и гас, каде што во релативна смисла подоходовните домаќинства трошат повеќе, така што кога двете групи ќе се земат вкупно тие меѓусебно се компензираат.

Посиромашните домаќинства се позависни од потрошувачката на струја во релативна смисла, односно уделот на потрошувачката на електрична енергија во вкупниот доход на тие домаќинства.

Што всушност покажува студијата?

Како што посочува Петрески, во студијата се симулира ефектот од кризата со храна и енергија врз благосостојбата на домаќинствата со помош на еден модел кој што се нарекува МК мод.

„Врз основа на анкетата за потрошувачка на домаќинства пресметуваме стапки на апсолутна и релативна сиромаштија. Релативната сиромаштија онака како што ја пресметува Државниот завод за статистика, апсолутната онака како што ја пресметува Светската банка со помош на праговите кои што неодамна беа апдејтирани. Студијата за прв пат во јавниот дискурс во нашата земја воведува два индикатори кои што се релевантни за сегашната криза со енергија и храна, тоа е стапката на енергетска сиромаштија, односно уделот на домаќинства кои што трошат повеќе од десет проценти од својот доход на енергенти и сиромаштијата на храна, односно уделот на домаќинства кои што трошат повеќе од 20 отсто од својот доход на есенцијална прехрана (леб и житарки, млеко, сирење и јајца и масла)“, објаснува Петрески.

Овие индикатори потоа се расчленуваат по повеќе популациски групи за да може да се идентификува кој сегмент од популацијата е најзагрозен и каде треба да се насочат идните мерки за ефектот да биде поволен во однос на овие индикатори за благостојбата, а од друга страна да се заштити фискалниот простор.

Бројките ја покажуваат разликата, односно за колку процентни поени одреден индикатор, одредена стапка се зголемува како резултат на кризата со енергија и храна. Студијата покажа дека сите стапки на сиромаштија забележуваат влошување, односно зголемување како резултат на кризата со енергија и храна.

Апсолутната сиромаштија покажува влошување од 1,3 процентни поени кај вкупната популација, а ефектот кај децата е поголем, односно влошување од 1,9 процентни поени, или претворено во бројки, како што веќе беше посочено ова имплицира дека поради кризата дополнителни 13 илјади лица биле втурнати во сиромаштија во текот на 2022 година од кои што 5.000 се деца.

Кај сиромаштијата на храна особено, има драматичен пораст на стапката, при што најголем пораст од 14,5 процентни поени е кај домаќинствата со три и повеќе деца, покажа студијата.

Тоа значи дека севкупно децата се по погодени од возрасните, а многудетните семејства освен што се погодени од ризикот на сиромаштија тие се под значаен ризик од глад.

Во однос на владините мерки, студијата покажува дека влијаеле во насока на ублажување на ефектите од кризата, што значи дека ако не постоеле мерките тогаш стапките на сиромаштија ќе биле поголеми.

„Најголем е ефектот кај многудетните домаќинства и пред се е поголем ефектот кај децата отколку врз возрасните. Тоа не е затоа што мерките експлицитно таргетираат деца туку затоа што овие групи како појдовна основа имаат веќе повисоки стапки на сиромаштија“, вели Петрески.

Наместо линеарни, потребни се таргетирани мерки

И ди Џовани и Петрески посочуваат дека негативната страна на мерките е што тие на некој начин подеднакво или скоро подеднакво се однесуват и на пониско доходовните и на повисоко доходовните домаќинства.

Во однос на цените, се забележува дека ефектите кај сите групи се речиси исти што имплицира дека овие мерки пружиле подеднаква помош кај сите домаќинства, додека кај мерките кај доходот има одредена диференцијација, односно тие најмногу помогнале на најсиромашните, но се уште има многу средства од државниот буџет што им помогнале и на подоходовните домаќинства, односно кај оние кај кои што ефектот или ударот од кризата можеле да го сносат самите.

Во однос на препораките за наредниот период се посочува дека висината на субвенциите за најранливите домаќинства треба да се преиспита, односно да се зголеми, како што се зголемени цените на електричната енергија и имајќи ги предвид ризиците за натамошен раст на енергентите, значи не само електричната енергија, туку и огревното дрво, и други енергенти.

Инаку, Министерството за економија веќе доделува субвенции за борба со енергетска сиромаштија, а Министерството за труд и социјална политика во склоп на гарантираната минимална помош во текот на грејната сезона од ноември до март исплаќа додаток за енергенти за домаќинствата кои што се најранливи, во износ од околу 1.140 денари.

Александар Николов: Кризата со цените предизвика притисок врз буџетите на установите кои што даваат основни социјални услуги

Александар Николов, од канцеларијата на УНИЦЕФ во Северна Македонија вели дека Владата би можела да разгледа како дополнителна мерка и нешто што се покажа како многу ефективно во текот со справувањето со социоекономските ефекти од ковид пандемијата.

„Тоа беше олеснувањето на условите за пристап до гарантираната минимална помош, каде што се тргнаа одредени барања, дека домаќинствата не треба да поседуваат имот или возило на свое име за да можат да пристапат до ваквата помош, а истовремено во текот на ковид пандемијата додатокот за користење енергенти се прошири од шест месеци на 12 месеци во текот на годината. Според нашите калкулации и симулации кои тогаш ги правевме со Фајнанс тинк, тоа имаше многу позитивно влијание врз справување со дел од негативните ефекти од пандемијата“, вели Николов.

Кризата со цените на електричната енергија, на горивата, на различните видови енергенти, и на храната го предизвика притисок врз буџетите на установите кои што даваат основни социјални услуги, значи услуги од здравствената заштита, од образованието и од услугите на социјална заштита. Дел од овие установи, за да можат со постојните буџети да продолжат со давање на услугите, прибегнаа кон одредени рестрикции, како на пример кратење на времетраењетона часовите за да трае пократко училишниот ден, за да имаат помали трошоци за греење и за електрична енергија.

„Сметаме дека треба да се спречи ваквата практика на намален квалитет на давање на овие услуги и тука треба да се интервенира во поглед на зголемување на ефикасноста на овие трошоци. УНИЦЕФ работи со Министерството за образование да ја подобри ефикасноста на расходите во основното и во средното образование. Тоа треба да се прошири на останатите видови на услуги, и да се обезбеди дека нема да биде загрозено нивното квалитетно давање“, вели Николов.

Тој додава дека големиот пораст на цените на храната доведува до драстичен раст на домаќинствата кои што запаѓаат во прехранбена сиромаштија.

„Тука е една од работите кои што може да ги разгледа Владата и конкретно Министерството за образование, а можеби и Министерството за земјоделство. Тоа е воведување бесплатна програма за исхрана во училиштата, конкретно во основните училишта. Тоа е нешто што го воведува Европската унија во склоп на европската гаранција за деца, а исто така тоа е во согласност со новата концепција за основното образование, каде што е предвидено децата да поминуваат поголем број на часови во училиште секој ден, да бидат на училиште и по седум часа, значи да немаат само редовни часови, туку и дополнителни образовни активности во училиштата“, вели Николов.

Тој посочува дека доколку се преминува кон таквиот подолг училиштен ден, неопходно е државата да обезбеди и бесплатна исхрана, идеално за сите ученици, а доколку тоа не може да се обезбеди во рамки на буџетите, во почетокот таквата програма да се воведе за учениците од најранливите домаќинства.

Николов вели дека е за пофалба новата методологија за индексирање на пензиите која што воведе шестмесечно усогласување на висината на пензиите со трошоците за живот и со движењата кај платите.

„Сметаме дека ваквата мерка е добра, меѓутоа треба да се прошири и на имателите на социјална помош. Веќе во јуни минатата година имаше значителен пораст на цените, меѓутоа усогласување на висината на паричната помош со движењето на трошоците на живот беше дури во јануари 2023 година. Сметаме дека почестото усогласување ќе овозможи да се зачува вредноста на социјалната помош“, вели тој.

Исто така, како што додава, треба да се преиспита и методологијата за блок тарифите за електрична енергија што беше воведена минатата година.

„Сметаме дека таа може да има непропорционално негативно влијание врз домаќинствата кои што имаат повеќе деца. Се надевам дека ќе имаме соработка и со РКЕ да предложиме механизми, како да се избегне ваквото негативно влијание“, вели Николов.

И ди Џовани нагласува дека поради паѓањето под прагот на сиромаштија на дополнителен број семејства и деца, треба да се посвети дополнително внимание и да се засилат постојните напори.

„Треба да се посвети поголемо внимание на одредени услуги кои што се даваат, особено услугите за имунизација, за децата во претшколската возраст, во градинките како и оние кои што се однесуваат на нивна заштита, за да може да се овозможи понатаму нивен правилен раст и развој“, вели ди Џовани.

УНИЦЕФ и други установи и институции, како што беше посочено, ќе можат да ја поддржат Владата за креирање на политики и сигурносни одредби за да може да се спречи понатамошно ширење на сиромаштијата. Инаку, анализата беше направена од страна на аналитичкиот центар „Фајнaнс тинк“ во партнерство со УНИЦЕФ, како дел од заедничка иницијатива на Обединетите нации за идентификување на системски модалитети за одговор на глобалната криза со храна и енергија.

 

Крешник Бектеши: Препораките ги земаме во предвид

Независните институции со вакви извештаи и препораки влијаат во делот на дизајнирање на мерките и како помош на Владата и секако како помош на семејствата и децата, вели Министер за економија, Крешник Бектеши. 

Владата и Министерството за економија во континуитет работат на вакви анализи и секако дека повеќето од препораките согласно можностите, буџетски и административни, ги земаме во предвид и ги реализираме со цел да се намали бројот на семејства и посебно на деца, кои би можеле да влезат под прагот на сиромаштијата заради енергетската и економската криза.

Паралелно со ова, како Министерство за економија со други донатори и други партнери работиме на анкети заедно со граѓаните, каде што се дизајнираат одредени мерки. Секако, препораките и мерките од оваа конференција ќе бидат вклопени во државните, владините мерки а со тоа ќе излеземе во пресрет на тие што имаат најмногу потреба во вакви тешки времиња, вели Бектеши.

 

Енвер Хусеин: Се исплаќа финансиската поддршка 

„Јa зголемивме висината на посебниот додаток за 15 отсто за сите три подвидови на корисници. Дополнително, во месец јануари се направи усогласување на правата од социјална и детска заштита со трошоците за живот. Корисниците на правата со исплата за месец јануари добија за 14,2 отсто повисоки исплати“, вели Енвер Хусеин, заменик министер за труд и социјална политика.

„Финансиската поддршка на социјално ранливи категории на граѓани за справување со енергетската криза, веќе се исплаќа. Согласно овој Закон право на финансиска поддршка добиваат: над 36.000 корисници на право на социјална сигурност на стари лица, корисници на посебен додаток на правото на надоместок заради попреченост, со попреченост и трајни промени во здравствената состојба, кои користат надоместок за помош и нега од друго лице, а не користат право на надоместок заради попреченост, без потреба од контролен преглед и самохрани родители кои се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош, на месечно ниво четири месеци; над 130.000 корисници на право на пензија во висина до 14.000 денари и корисници на право на надоместок за телесно оштетување и над 5000 и корисници на право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок.

Покрај овие мерки претходно, исплативме по 3.000 денари парична поддршка за сите 330.000 пензионери и околу 36.000 корисници на правото на гарантирана минимална помош”, вели Хусеин.

 

Марко Бислимоски: Потребен е приход по глава во домаќинство

Помошта за енергетската сиромаштија е за премал број корисници. Ни треба приход по глава во домаќинство. Тие податоци ќе бидат проблем да се обезбедат, но може да се обезбедат, вели Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Проблем е и тоа што броилото може да гласи на едно лице, а таму да живее друго семејство, но и тоа може да се среди. Најдобро да се има податоци за приходи по глава во едно домаќинство и соодветно на тоа да се добива и помош за справување со енергетската сиромаштија, вели Бислимоски.