Нема странци, нема бизнис – кризата ги затвора рестораните на Широк Сокак во Битола

Познатиот национален ресторан „Грне“ стави клуч на врата

Насионалните ресторани во срцето на Битола останаа без странските туристички тури. Битолчани ретко влегуваат плашејќи се од вирусот. Државата помага, но тоа не е доволно. Сите ја чекаат пролетта и можното стивнување на кризата со вирусот

 

Анета Блажевска

БИТОЛА – Ковид кризата силно удри и врз битолските угостители, особено врз кафеанџиите на Широк Сокак. По осум месеци од почетокот на кризата, без странски туристи, свадби и забави угостителите бројат огромни финансиски загуби. Со месеци се затворени објектите за свадби, а сега и кафеаните што се лоцирани на најпрометната улица во Битола.

Деновиве клуч на врата стави единствениот национален ресторан „Грне“ што се наоѓа на најатрактивна позиција на плоштадот „Магнолија“. После 17 години работа економската криза го примора сопственикот Владе Спасевски да се одлучи да го затвори ресторанот наместо да продолжи со работа според протоколите предвидени за оваа ситуација, со 30 проценти од капацитетот. Така од 12 вработени во ресторанот, десетмина веќе се пред бирото за вработување. Спасевски вели дека загубите на ресторанот кој работи со национална храна се 80 проценти од обемот на работа од лани.

„Решив да го затворам ресторанот – до кога, зависи од кризата. Оваа година работам со големи загуби, субвенциите од државата не се доволни за да опстанам, па подобро да затворам отколку да трупам долгови. Во ресторанот има 80 седишта, а јас треба да работам со помалку од 30, тоа е крајно неисплатливо. Објектот е на државата, нема да работам, но ќе плаќам кирија со надеж дека ситуацијата ќе се подобри до напролет“, вели Спасевски.

Ресторанот „Грне“ сите изминати години опстојуваше од странските туристички тури, кои од мај до октомври доаѓаа во Битола и токму во овој ресторан ја пробуваа традиционалната македонска кујна. Уживаа во македонска салата, тавче гравче, питулици, сарми од лозов лист, селско месо под сач и штрудла. Туристи од Италија, Шпанија, Бугарија, Холандија и скандинавските земји беа редовни гости во „Грне“.

Празни маси во „Грне“. Ретко кој навраќа во ресторанот

„Како да продолжам со работа кога годинава ми откажаа 36 странски туристички тури, а една група брои и до 40 гости и плус уште пет до шест групи од Скандинавија. Сите изминати години со заработката од летото ги покривавме зимските месеци, сега нема од каде за да продолжиме“, се пожали Спасевски.

Дел од угостителите на Широк Сокак си дадоа рок до Нова година – ако не се смени ситуацијата најавуваат катанци на објектите. Една од најатрактивните кафеани со традиција е и „Корзо“, или познат како поранешен „Барот“, сместен во срцето на Широк Сокак. Пред седум месеци сопственикот ги затвори објектите за свадби и забави „Вавилон“ и „Империјал гарден“ и ги отпушти сите вработени.

„Многу е тешка ситуација пред затворање сме, до Нова година не можеме да издржиме. Изгубивме 70-80 проценти од прометот во споредба со истите месеци лани. Живеевме од странците, нив ги нема, ги нема и Грците, а не доаѓаат ни битолчани, се плашат од ширење на заразата. Нашиот објект е во екстра зона на Широк Сокак и киријата е многу висока. Доцниме со плаќање на сметките на обврските кон УЈП, доцниме со платите. Широк Сокак живееше од странците, а странци веќе нема и сѐ е јасно“, вели Зоран Стојчевски од „Корзо“.

Голем дел од кафеаните во Битола се сместени во државни објекти со кои стопанисува АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од Битола. Угостителите од Битола со писмен допис побарале државата да им субвенционира три месеци од киријата, но засега немаат одговор. Велат дека угостителите што користат објекти на приватници од газдите биле ослобедени од плаќање на закупнината за најтешките месеци во пролетта кога кафеаните им беа затворени.

Една од најатрактивните кафеани со традиција е „Корзо“. Сопственикот вели дека ќе се обиде да издржи до Нова година

„Барањето на угостителите закупци е проследено до главната дирекција. Ние тука не одлучуваме. Засега нема откажување на објектите на угостителите, зашто сите се надеваат дека ситуацијата ќе се среди до напролет и дека повторно ќе работат, тоа им е егзистенција. Ние пак сме толаренатни во делот на подмирување на закупнината“, вели Никола Поповски, директор на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од Битола.