Крива Паланка изработи зелен катастар
Општина Крива Паланка успешно го заврши процесот на изработка на Зелениот катастар, современ систем за евидентирање, следење и управување со зелените површини и дрвенестите растенија во урбаните делови на градот.
Во рамки на овој процес беше спроведено сеопфатно теренско снимање, при што се евидентирани околу 5.000 дрвенести растенија на територијата на урбаниот дел. Податоците се обработени преку софтверско и хардверско идентификување, со активно учество на стручните служби од Општината и ЈП Комуналец.
Зелениот катастар обезбедува сеопфатни и детални податоци за типот, обемот, состојбата и местоположбата на зеленилото. Овој систем претставува значајна основа за негово одржување, заштита и понатамошен развој, како и за креирање квалитетна стратегија за развој на зеленилото.
Изработката на Зелениот катастар е реализирана во рамки на проектот „ПАРКС“, финансиран преку ИПА програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија, со поддршка на Европската Унија.
Во рамки на проектот „ПАРКС“ реализирани се повеќе активности, меѓу кои: изградба на урбан зелен парк во Крива Паланка и Дупница, поставување на сензор за мерење на параметри за квалитет на воздух, изработка на зелен катастар за урбано зеленило во двата града, изработка на педолошка анализа на почвата, подготовка на Прирачник за избор и садење на дрвца во урбани средини, имплементација на активности „Зелени денови“ организација на работилници за размена на знаења, методологии и најдобри практики.
„Со Зелениот катастар започнуваме нова ера во управувањето со зеленилото во Крива Паланка. Ова е важен чекор кон одржливо планирање, подобра грижа за природата и создавање поквалитетна и поубава средина за сите наши граѓани“, вели градоначалникот Сашко Митовски.
Со реализацијата на овој проект, Општина Крива Паланка продолжува со унапредување на заштитата на животната средина и создавање поквалитетни услови за живот на граѓаните.