Крадци украле осум дела од Матис од бразилска библиотека сред бел ден
Двајца вооружени мажи украле осум графики од францускиот уметник Анри Матис и најмалку пет дела од бразилскиот сликар Кандидо Портинари од библиотека во Сао Паоло. Дрскиот грабеж се случил сред бел ден во недела, при што крадците избегале пеш со непроценливите уметнички дела, објавува Би-би-си.
Според бразилските власти, крадците влегле во библиотеката низ главниот влез во недела во 10 часот наутро, во текот на вообичаеното работно време. Тие го ограбиле обезбедувачот и постар пар кои биле во посета на библиотеката пред да избегаат со делата.
По грабежот, тие излегле низ истата врата и се упатиле кон најблиската метро станица. Инцидентот се случува помалку од два месеци откако светот на уметноста беше потресен од дрска провала во музејот Лувр во Париз, каде што крадци украле непроценлив накит. Украдените графики биле дел од заедничка изложба со Музејот на модерна уметност во Сао Паоло, насловена како „Од книга до музеј“.
Непроценлива вредност
Крадците ја нападнале изложбата на нејзиниот последен ден. Службените лица сè уште не објавиле детален список на украдените дела, но според весникот „Фолха де Сао Паоло“, тие вклучуваат колаж што Матис го создал за ограничено издание на уметничката книга „Џез“. Матис се смета за еден од највлијателните уметници на 20 век, а уметничките критичари велат дека вредноста на украдените дела е „непроценлива“.
Покрај делата на Матис, крадците украле и најмалку пет графики од Портинарио, еден од најважните модернистички уметници во Бразил. Графиките се создадени за да илустрираат специјално издание на романот „Менино де енгено“ (Момчето од плантажата) од бразилскиот писател Хозе Линс до Рего.
Библиотеката „Марио де Андраде“ е втора по големина во земјата, а нејзината зграда во центарот на Сао Паоло е опремена со камери со технологија за препознавање лица. Градоначалникот на Сао Паоло им изјави на локалните медиуми дека крадците веќе се идентификувани, но сè уште се во бегство.